Во својот извештај за прогнози во секторот технологии, медиуми и телекомуникации за 2025 година, „Дилојт“ (Deloitte) ја става генеративната вештачка интелигенција (GenAI) во центарот на технолошката трансформација. Но ова не е само приказна за напредок – „Дилојт“ ја нарекува годинава „година на јаз“, бидејќи, и покрај експлозивниот раст, се појавуваат клучни стратегиски, инфраструктурни и општествени празнини шо би можеле да ја забават долгорочната вредност на технологиите за вештачка интелигенција (ВИ). Генеративната ВИ несомнено е двигател на промени, но нејзиниот развој не е линеарен: „Прогнозата на ’Дилојт’ дека 2025-та ќе биде ‘година на јаз’ за генеративната вештачка интелигенција ја истакнува оваа важна пресвртница“, пишува претседателката на „Дилојт САД“, Лара Абраш. Значењето на овој момент е повеќеслојно, бидејќи не станува збор само за технологија туку и за одговорност на индустријата да ги пополни празнините што би можеле да го обликуваат следното десетлетие на дигиталната ера.
Нерамнотежа помеѓу инвестициите и монетизацијата: големи вложувања, несигурни приноси
„Дилојт“ предупредува дека во инфраструктурата на генеративната ВИ – првенствено чипови и датацентри – во последните две години се вложени стотици милијарди долари. Но приносите од тие вложувања доцнат. „Инвестициите во моментов се десет или повеќе пати повисоки од приносите“, се наведува во извештајот. Компаниите се натпреваруваат за доминација во генеративната архитектура, но поголемиот дел сѐ уште нема јасен бизнис-модел што би ги оправдал тие инвестиции. Најголемите инвеститори тргнуваат од претпоставката дека не можат да си дозволат заостанување, притоа занемарувајќи ја реалната економска логика. Тоа го продлабочува јазот меѓу инфраструктурата и монетизацијата, кој, според „Дилојт“, би можел да остане отворен уште неколку години. Повеќе не е прашање кој има повеќе сервери, туку кој знае да создаде вредност од нив.
Енергетски парадокс: повеќе ВИ, поголема потрошувачка, помала одржливост
Генеративната ВИ не е само интелектуално туку и енергетски исклучително интензивна. До 2025 година датацентрите за работа на големи јазични модели, според „Дилојт“, ќе трошат околу два процента од светската електрична енергија – што е споредливо со потрошувачка на средно голема држава. „Тој јаз веројатно ќе остане и во 2025 година“, предупредуваат аналитичарите. Проблемот не е само во количеството на потрошена енергија туку и во нејзините извори, бидејќи повеќето од планираните центри треба да користат извори со ниска емисија на јаглерод, за да се исполнат целите за јаглеродна неутралност – но мрежите сѐ уште не се подготвени сигурно да ги обезбедат. Решението не е во побрза изградба на центри, туку во поблиска соработка со енергетскиот сектор, оптимизација на алгоритмите и развој на енергетски поефикасни архитектури. Без такви иновации, притисокот врз растот ќе стане неодржлив.
Прочитај повеќе
Папата Лав XIV ја идентификува вештачката интелигенција како голем предизвик за човештвото
Според новиот папа, ВИ е предизвик за одбраната на човечкото достоинство, правдата и трудот.
11.05.2025

Од „Епл“ прогнозираат дека нема уште долго да се пребарува преку Гугл
„Епл“ понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со „Алфабет“.
08.05.2025

„Опен еј-ај“ ќе им помага на државите во развој на вештачката интелигенција
Компанијата предводник во сферата на вештачката интелигенција преку нов проект ќе соработува со влади за изградба на центри за податоци и приспособување на ВИ-алатки на локални јазици.
07.05.2025

Истражување на PwC: Вештачката интелигенција има потенцијал да донесе раст како индустриската револуција
Притисокот врз компаниите да ги трансформираат своите бизниси е на едно од највисоките нивоа во последните 25 години, во 17 од 22 глобални сектори.
05.05.2025
Родовиот јаз и прашањето на довербата: брзината на прифаќање не значи еднаквост
Иако „Дилојт“ предвидува дека до крајот на 2025 година употребата на генеративната ВИ кај жените во САД ќе ја достигне или надмине таа кај мажите, клучното прашање останува довербата. „И покрај забрзаното користење, жените помалку веруваат дека давателите на технологии за генеративна ВИ соодветно ќе ги заштитат нивните податоци“. Во 2023 година користењето генеративна ВИ кај жените било двојно помало отколку кај мажите, иако брзо расте. Сепак, воздржаноста на жените во вклучувањето на генеративната ВИ во работата и секојдневието и понатаму е изразена – пред сè поради недостигот од контрола врз личните податоци, нетранспарентните модели и недоволната застапеност на жените во развојот на тие технологии. „Дилојт“ предупредува дека технолошките компании треба да ја зајакнат заштитата на податоците, да ја намалат пристрасноста и да поттикнат поголема разновидност во тимовите за ВИ за да го премостат јазот на доверба и да ја прошират корисничката база.
Дипфејк како нов сајбер-предизвик
Појавата на уверливи лажни содржини – аудио и видео – создадени со помош на генеративна ВИ, сѐ повеќе ја поткопува општествената доверба. „Трошоците за создавање уверливи лажни содржини паѓаат, па би требало и цената за нивно откривање да паѓа со исто темпо“. „Дилојт“ предупредува дека јазот меѓу способноста за создавање и откривање дипфејк (deepfake) содржини се зголемува, што би можело да доведе до нова ера на дигитална дезинформација. Решението не е само технолошко: покрај алатките базирани на ВИ за откривање лажна содржина, клучно ќе биде воведување стандарди за обележување содржини создадени со генеративна ВИ и развој на доверливи методи за проверка на изворите на медиумските содржини. Без тие механизми, дигиталниот простор сѐ повеќе ќе личи на лавиринт од непроверени „вистини“.
Автономни агенти: од лаборатории во канцеларии, но постепено
Агентите со ВИ, односно системите што можат самостојно да извршуваат задачи и да управуваат со работни процеси, се меѓу најперспективните примени на генеративната вештачка интелигенција. „Дилојт“ проценува дека до 2025 година најмалку 25 отсто од компаниите ќе ги тестираат овие системи преку пилот-проекти, а до 2027 година ќе ги користат веќе половина од компаниите што работат со генеративна ВИ. „Некои апликации на агенти во одредени индустрии и случаи ќе бидат интегрирани во работните процеси уште во 2025 година“, проценува „Дилојт“. Најголем потенцијал се гледа во автоматизацијата на софтверските задачи, корисничката поддршка, усогласеноста со регулативите и информациската безбедност. Но брзиот развој не значи и брзо воведување – многу компании сѐ уште се соочуваат со прашањата за доверба, надзор и одговорност што ги отвораат автономните системи.
Генеративна ВИ на уредите: функциите се подготвени, корисниците сѐ уште не
Според „Дилојт“, во 2025 година повеќе од 30 отсто од новите паметни телефони и околу половина од личните компјутери ќе содржат наменска функционалност за генеративна ВИ. Тие т.н. интелигентни асистенти ќе овозможуваат генерирање текстови, преводи, анализа на податоци и многу повеќе, без потреба од поврзување со облак. Но „Дилојт“ додава: „Постои голема возбуденост околу генеративната вештачка интелигенција, но дали технологијата ќе ги исполни очекувањата?“ Усвојувањето на новите функционалности ќе зависи од нивната реална корисност, едноставноста на употреба и пред сѐ – подготвеноста на корисниците да ги променат навиките во интеракцијата со уредите. Потенцијалот е огромен, но далеку од загарантиран.
Регулативата како темел на довербата: регулацијата не смее да заостанува
Довербата во генеративната ВИ не може да се постигне без соодветна законска рамка. „Дилојт“ ја истакнува 2025-та како клучна година за оформување правила што ќе овозможат иновации, а наедно ќе ги заштитат потрошувачите. Европската регулатива за вештачка интелигенција ги поставува темелите што би можеле да ги прифатат и други јурисдикции. Во извештајот се наведува: „Начинот на кој ќе одговориме колективно на овие празнини ќе го одреди наследството што ќе го оставиме зад себе“. Шансата е двојна: компаниите што ќе успеат да ја усогласат својата технологија со новите регулативи ќе стекнат конкурентска предност, а истовремено ќе придонесат кон поголема општествена легитимност на технологијата.