Народна банка: Европските банки ќе останат недопрени од кризата со СВБ
Повеќе од 190 компании низ светот што добиле заеми од пропаднатата „Силикон валеј банк“ (Silicon Valley Bank) - СВБ (SVB) би можеле да бидат во потрага по нови кредитори.
Македонски компании не можат да имаат каков било однос со оваа банка поради забраната домашни компании да отвораат сметки во странство, што за „Блумберг Адрија“ го потврдија и од Народната банка.
Иако американските регулатори презедоа вонредни мерки за да ја зајакнат довербата во финансискиот систем, дел од избезумениот викенд, во кој ненадејно беше затворена и њујоршката „Сигначур банк“ (Signature Bank), донесе загриженост за последиците од прелевање на другите регионални кредитори и пошироката економија.
Прогнозираме што ќе одлучи ЕЦБ в четврток и како ќе влијае СВБ
Европската централна банка (ЕЦБ) и во наредниот период ќе ги зголемува каматните стапки, и тоа најмалку за уште 100 базични поени, вклучувајќи го овде и зголемувањето од оваа недела, се наведува во анализата на главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Андреј Кнез. ЕЦБ одлучува за каматите на состанокот в четврток.
„Пропаѓањето на американската банка СВБ е нов неочекуван елемент“, вели Кнез.
Цените во САД растат и создаваат уште поголем притисок врз ФЕД
Основните потрошувачки цени во САД во февруари пораснале најмногу во последните пет месеци, што ги принудува функционерите на Федералните резерви (ФЕД) на тежок избор, додека ја одмеруваат сè уште брзата инфлација наспроти банкарските превирања во рамките на нивната следна одлука за каматните стапки.
Индексот на потрошувачките цени, кој не опфаќа храна и енергија, се зголемил за 0,5 отсто минатиот месец и 5,5 отсто во однос на претходната година. Вкупниот индекс на потрошувачки цени се искачи на шест отсто во однос на претходната година, односно е поголем за 0,4 отсто на месечно ниво.
На берзите...
Американските индекси вчера завршија во зелено зашто инвеститорите сметаат дека најлошото помина. Слично е и утрово. Индексот S&P 500 во рамките на азиските часови од тргувањето е со 1,7 отсто поголема вредност, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 порасна за 2,3 проценти. Европскиот индекс падна за 0,1 отсто, додека поголемите азиски берзански индекси се зголемија меѓу 0,4 и 1,2 отсто.
Нафтата ВТИ за испорака во април порасна за 1,4 отсто и барел сега се тргува по цена од 72,36 долари, додека нафтата брент за испорака во мај бележи раст од 1,3 процент, со што барел чини 78,49 долари.
Вредноста на еврото незначително е променета и сега во однос на американскиот долар се тргува по курс од 1,0741 долар за евро.
Златото загуби 0,1 отсто од својата вредност, со што унца чини 1.901,17 долар.
Позитивна е сликата и на криптопазарот, каде што најголемиот токен, биткоинот, порасна за 0,9 проценти и чини 24.848,83 долари, додека етерот се зголеми за 0,1 отсто, на 1.707,61 долари.
Денеска читајте...
Додека САД, Канада, Обединетото Кралство и некои европски земји и институции на ЕУ, како Европската комисија, ја забрануваат апликацијата Тикток на сите службени уреди поради загриженост од можна злоупотреба на личните податоци и излевање службени податоци и информации, Македонија нема ниту конкретен закон за приватност. Читајте во нашата анализа.
Официјално, најмногу злоупотреби во Македонија се пријавени на Фејсбук и Инстаграм, велат надлежните.
„Постои можност за злоупотреба на личните податоци на социјалната мрежа Тикток“, вели Имер Алиу, директор на Агенцијата за заштита на лични податоци, во разговор за „Блумберг Адрија“. Тој вели дека и министерствата како предлагачи на закони не ја почитуваат доследно обврската за доставување до Агенцијата материјали предлог-закони, подзаконски акти и други прописи што се на каков било начин поврзани со заштитата на личните податоци.