Брилијантен приказ на поларна светлина предизвикана од масивна геомагнетна бура вчера беше видлив за голем дел од светот, а ќе може да се забележи и денеска на многу места ако времето е ведро.
Црвените, виолетовите и зелените бои на поларната светлина ги заслепија жителите на Северна Америка и беа видени многу подалеку на југ отколку вообичаено, при што луѓето во Калифорнија, Аризона и Тексас јавиле дека можеле да ја видат, според AccuWeather, Inc. Вообичаено, спектакуларниот приказ е видлив само во северните места како Алјаска, Северна Дакота, Канада и Исланд.
Причината за тоа е експлозија на магнетни полиња и плазма од атмосферата на Сонцето, која ја погоди Земјата рано во петокот со поголема сила од предвиденото. Овие настани може да го нарушат магнетното поле на Земјата, предизвикувајќи појава на аурора бореалис, како и нарушување на сателитите, комуникацијата и електричните мрежи.
Американскиот вселенски центар за предвидување на времето првично очекуваше бура од ниво на Г2 на својата скала од пет степени, но беа измерени Г4, што е една од најсилните вакви бури на земјата од 2017 година, наваму.
Покрај блескавата аурора, бурата Г4 може да предизвика главоболки за операторите на електричната мрежа и да ги принуди вселенските летала да ги приспособат своите орбити. Невремето може да ја деградира и сателитската навигација, радио преносите, па дури и да предизвика цевководи да создадат електричен полнеж. На почетокот на 2022 година, „Спејс Икс“ на Илон Маск загуби 40 сателити поради соларна бура.
Влијанијата од исфрлањето на короналната маса заостанаа, но енергијата што доаѓа од она што научниците го нарекуваат „коронална дупка“ ќе продолжи барем до денес и поради тоа поларната светлина веројатно ќе може да се види низ Европа, Азија и Северна Америка до недела, соопштија од Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство на својата веб-страница.
Во моментов има осум сончеви дамки видливи на страната на сонцето свртена кон Земјата, но не се предвидува уште едно коронално масовно исфрлање кон нас, соопшти Метеоролошката канцеларија на ОК.