Воздухопловните и железничките услуги во Германија се суспендирани во рамки на еднодневниот штрајк, откако работниците им се придружија на колегите од Франција и Велика Британија во борбата за повисоки плати.
24-часовната индустриска акција започна во неделата на полноќ и влијае и на некои пристаништа, при што синдикатите „Верди“ и ЕВГ транспорт и железница очекуваат сериозно нарушување во патувањето, се вели во соопштението. „Верди“ бара зголемување од 10,5 отсто за вработените во јавниот сектор.
Главните аеродроми, вклучувајќи ги Франкфурт и Минхен, ќе бидат затворени во понеделник. Аеродромот во Франкфурт ги советуваше патниците кои ги менуваат авионите да го избегнуваат. Ќе застанат меѓуградските, регионалните и локалните возови со кои управува „Дојче Бан“ и другите железници, соопшти ЕВГ.
„Верди Хамбург“ во саботата соопшти дека склучил договори со сите засегнати компании за да гарантира безбедно минување во случај на несреќи, итни слетувања, медицински транспорт или транспорт на пациенти.
Патниците вчера веќе го вкусија хаосот кога „Луфтханза“ (Deutsche Lufthansa AG) беше принудена да откаже некои летови поради технички проблеми. Најголемата европска авиокомпанија претрпе серија штрајкови и оперативни несреќи во последниве месеци, вознемирувајќи ги патниците, додека воздушниот сообраќај закрепнува од пандемијата и сè повеќе луѓе се подготвуваат за велигденските празници.
„Веќе се откажуваат бројни линии секој ден бидејќи возовите не сообраќаат поради недостиг на персонал“, рече шефот на ЕВГ, Мартин Буркерт, во изјава пред штрајкот. „Оваа ситуација ќе продолжи да се влошува бидејќи железничките и камионските компании ќе останат без персонал доколку платите сега не се зголемат значително“.
Вработените во европските јавни служби постојано излегуваа од работа во последниве недели за да бараат подобри плати во услови на рекордна инфлација и криза на трошоците за живот. Во Франција, пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон предизвика жестоки судири. Велика Британија, исто така, претрпе повеќемесечни штрајкови на железничките работници.
ЕВГ не планира никакви штрајкови за време на велигденските празници, објави вчера германскиот весник „Билд ам Зонтаг“.