Европската Унија планира да започне проект со девет земји-членки за да се идентификуваат пропустите во санкциите против Русија и да се подобри координацијата меѓу националните власти при нивното спроведување, изјавија претставници на ЕУ.
Партнерството меѓу Европската комисија и националните влади што во моментов се одговорни за спроведување на санкциите би можело да биде предвесник на ново тело на ЕУ што ќе го координира надзорот на санкциите, посочуваат официјални лица, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за приватни дискусии.
Холандија, поддржана од неколку други земји-членки, повика да се воспостави механизам на ниво на ЕУ за да се осигури дека владите и компаниите нема да ги заобиколуваат десетте пакети санкции на блокот против Москва.
Прочитај повеќе
ЕУ сака да ги прошири санкциите и на роднини на руските милијардери
Европската Унија треба да обезбеди појасна правна рамка за членовите на семејствата на санкционираните руски милијардери.
16.03.2023
Претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен минатиот четврток рече дека следниот пакет што ќе ја погоди руската економија главно ќе се занимава со заобиколувањето на санкциите и „борбата против таквата појава“.
Официјални претставници на ЕУ рекоа дека новиот проект, кој ќе трае две години, почнувајќи од јуни, ќе биде првпат извршната власт на блокот да ги поддржи земјите-членки во спроведувањето санкции со специфични ресурси од овој размер. Групата ќе ги мапира властите одговорни за замрзнување на средствата, ќе споделува добри практики и ќе ја подобри нивната примена. Комисијата ќе обезбеди експертиза од својот тим за финансиски услуги и ќе ги покрие трошоците за дополнителна поддршка од Советот на Европа, институција што не е членка на ЕУ.
Земјите што учествуваат во иницијативата се Чешка, Кипар, Данска, Унгарија, Литванија, Малта, Романија, Словенија и Шпанија.
Проектот е дел од Инструментот за техничка поддршка (TSI) што го лансира Комисијата за поддршка на земјите-членки во спроведувањето на клучните реформи и политички иницијативи во различни области. Се надоврзува на помала иницијатива во која се вклучени три земји-членки, предложена од Чешка за време на нејзиното ротирачко претседавање со ЕУ минатата година, која се фокусираше на идентификување на сопственоста на компаниите и следење на криптовалутите, активности што се сметаат за потенцијални алатки за заобиколување на санкциите.
„Со цел да се зајакне солидарноста со Украина и да бидеме поефективни во користењето на нашите алатки, TSI ќе ги поддржи земјите-членки во примената на санкциите против Русија“, се наведува во минатонеделното соопштение на комисијата.
Официјалните лица посочуваат дека поголема група земји-членки покажуваат интерес за новата иницијатива, иако само девет национални влади одлучиле активно да се ангажираат, а резултатите ќе се користат во тековната работа против заобиколувањето на санкциите на ЕУ како целина.