Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека во пукотницата во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград загинале осум ученици и еднo лице од обезбедувањето, јавува српската редакција на „Блумберг Адрија“.
Полицијата соопшти дека шест ученици и еден наставник се тешко повредени и дека на повредените им е укажана лекарска помош во Ургентниот центар и детската клиниката „Тиршова“.
„Во училишниот двор е пронајден и приведен ученикот од ова училиште К.К. (2009) што е осомничен дека го сторил ова дело. Сите полициски сили сè уште се на терен и интензивно работат на расветлување на сите факти и околности што довеле до оваа трагедија“, се наведува во соопштението на српското министерство за внатрешни работи.
Уапсениот малолетник е ученик во седмо одделение, кој, како што се сомневаат, испукал неколку истрели од пиштолот на татко си во правец на учениците и обезбедувањето на училиштето.
Масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ е најлошиот инцидент што се случил во училиште во Србија, потврди Министерството за образование за „Блумберг Адрија“.
Деталите за немилиот настан официјално не се познати, а се очекува повеќе информации да изнесе ресорниот министер Бранко Ружиќ на закажаната прес-конференција денеска, во 13.15 часот.
Невладината граѓанска иницијатива ги повика властите итно да дејствуваат по пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската општина Врачар.
Граѓанските иницијативи бараат Министерството за внатрешни работи итно да излезе со детални информации за оружениот напад во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Навременото информирање е од клучно значење во ситуации кога родителите се загрижени за безбедноста на своите деца, се наведува во соопштението.