Претседателот Доналд Трамп повторно го одложи рокот што му го постави на Иран да постигне договор со САД или да се соочи со нови напади, велејќи дека разговорите со земјата одат „многу добро“.
Трамп изјави дека ќе го продолжи за десет дена своето ветување да се воздржи од напади врз иранските енергетски објекти, што е негово второ продолжување откако во саботата се закани дека ќе ги уништи електроцентралите на Иран доколку не се постигне договор.
Претходно во четвртокот Трамп повтори временска рамка од четири до шест недели за воените операции и рече дека американскиот воен потфат се одвива и побрзо од очекуваното.
Прочитај повеќе
Трамп ја засилува реториката: Иран да ги забрза преговорите, во спротивно нема да биде убаво
Претседателот Доналд Трамп му се закани на Иран со жестока воена акција, обидувајќи се да изврши притисок врз земјата да ги забрза преговорите за ставање крај на војната.
26.03.2026
И покрај одбивањето од Иран, САД велат дека преговорите се во тек
Белата куќа инсистира дека преговорите со Иран се во тек, и покрај тоа што Техеран јавно ги отфрли американските предлози и изнесе нови услови за прекин на конфликтот.
25.03.2026
Иран ги отфрли 15-те точки на Трамп и возврати со пет свои барања
Иран го отфрли американскиот предлог во 15 точки за прекин на војната и постави свои услови за прекин на огнот.
25.03.2026
Пентагон планира испраќање на елитна армиска единица на Блискиот Исток
САД планираат да распоредат околу 3.000 војници од 82-та воздушно-десантна дивизија на Блискиот Исток, објави „Волстрит џурнал“.
24.03.2026
Но продолжениот рок остава повеќе време САД да соберат сили. „Волстрит журнал“, повикувајќи се на неименувани претставници од Пентагон, во четвртокот објави дека Министерството за одбрана разгледува испраќање до 10.000 дополнителни војници на Блискиот Исток, со што му дава на Трамп повеќе опции.
„Во согласност со барањето на иранската влада, оваа изјава нека послужи како потврда дека го паузирам периодот за уништување на енергетските постројки за десет дена, до понеделник, 6 април 2026 година, во 20 часот по источно време“, напиша Трамп на социјалните мрежи во четвртокот. „Разговорите продолжуваат и, покрај неточните изјави и лажните вести, тие одат многу добро.“
Азиските берзи паднаа во петокот по загубите на Волстрит. Цената на суровата нафта од типот брент се повлече откако претходно во четвртокот нагло порасна.
Сè уште не е јасно со кого преговараат САД, бидејќи повеќе високи ирански функционери се убиени. Трамп за „Фокс њуз“ изјави дека Иран побарал седумдневно одложување, а тој му дал десет дена. Подоцна, „Волстрит журнал“ објави дека посредниците рекле дека Техеран не побарал десетдневно одложување.
Bloomberg
Иран претходно во четвртокот, преку новинската агенција „Тасним“, сигнализираше дека сè уште чека одговор откако го одби американскиот план од 15 точки за завршување на војната и понуди сопствени услови. Тие вклучуваат гаранција дека САД и Израел нема да ги обноват нападите, исплата на воени репарации и признавање на иранската контрола врз Ормускиот Теснец.
Иран исто така бара крај на војната на сите фронтови, објави „Тасним“, што најверојатно се однесува на паралелната војна на Израел против милитантната група Хезболах, поддржана од Техеран, во Либан.
Трамп на состанок на кабинетот изјави дека Иран дозволил десет нафтени брода да поминат како гест на добра волја. Американскиот министер за финансии Скот Бесент рече дека наскоро ќе започне американска програма за осигурување и поттикнување на поморскиот транспорт, додека француски воени претставници во четвртокот изјавија дека тие и партнерите на Франција работат на иницијатива за враќање на слободната пловидба откако ќе стивнат судирите.
Иранските пратеници подготвуваат закон за воведување транзитна такса, според новинската агенција „Фарс“. Во меѓувреме зголемените цени на енергијата ја поттикнаа Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) значително да ја зголеми прогнозата за инфлација за економиите од Г20 оваа година на 4 отсто, со уште повисока стапка во САД.
Но борбите продолжуваат. Израелските одбранбени сили соопштија за воздушни напади врз Техеран и Исфахан, додека иранската државна телевизија објави за бран ракетни напади врз Израел. Две лица загинаа откако остатоци од пресретната ракета паднале во Абу Даби.
Повеќе од 4.500 луѓе загинале во конфликтот, според владини и невладини извори. Околу три четвртини од жртвите се во Иран, додека речиси 1.100 луѓе загинале во Либан, каде што повеќе од еден милион луѓе се раселени. Десетици лица загинале во Израел и арапските земји од Персискиот Залив.
Земјите од Заливот, како Саудиска Арабија и ОАЕ, разгледуваат можност да се приклучат на војната, изјавија оваа недела неколку извори запознаени со ситуацијата.
„Не можеме да дозволиме Иран да ги држи САД, ОАЕ и глобалната економија како заложници“, напиша амбасадорот на ОАЕ во САД, Јусеф ал Отаиба, во колумна за „Волстрит журнал“. „Едноставно, примирје не е доволно.“
Трамп јавно сигнализираше дека секој мировен договор мора да му забрани на Иран некогаш да поседува нуклеарно оружје или да збогатува радиоактивен материјал дури и за цивилни цели. Американскиот план исто така предвидува Исламската Република да користи намален ракетен арсенал исклучиво за самоодбрана, според извори запознаени со прашањето. Отстапките кон Иран би вклучувале олеснување на санкциите.
Администрацијата не дава јасни одговори за обемот и целта на воените операции на затворени брифинзи, според американската сенаторка од Алјаска, Лиса Мурковски, која рече дека работи на легислатива со цел да се утврди крајната цел на војната.
„Се плашам дека претседателот ќе влезе со копнени сили за целосно преземање“, изјави таа.