Круната Свети Едвард, со која и официјално вчера беше одбележано крунисувањето на кралот Чарлс Трети во Вестминстерската опатија, е повеќевековен симбол за крунисување на британските владетели и се користи исклучиво за таа цел. Нејзината вредност е предмет на долгогодишна дебата, а процените на стручните лица се движат меѓу три и пет милијарди фунти. Направена е од чисто злато и 444 парчиња скапоцени камења (сафир, рубин, гарнет, турмалин).
Иако кралот Чарлс Трети е страстен заговорник за циркуларна мода и одржливост, па подготовките околу регалиите и другите неизбежни детали од крунисувањето беа во знакот на рециклирање, преправки и употреба на веќе користени работи, церемонијата што ја следеа милиони луѓе низ светот ја обележи и остар призвук на незадоволство и отпор од тие што овој спектакл го гледаат исклучиво како екстравагантен трошок среде растечките финансиски тешкотии со кои се соочуваат многу од жителите на Велика Британија. А, трошокот се проценува на 100 милиони фунти.
Прочитај повеќе
Крунисан е британскиот крал Чарлс Трети
Чарлс Трети пристигна во Вестминстерската опатија за да го заврши своето чекање да биде крунисан за крал.
06.05.2023
Товар или корист? Економијата на крунисувањето на кралот Чарлс
Приходите на хотелите пораснаа за 54 проценти во споредба со истиот период минатата година.
06.05.2023
Крунисувањето на Чарлс Трети - изложба на богатството на британската монархија
Највредното богатство на монархијата е Бакингемската палата, вредна 1,3 милијарда фунти.
05.05.2023
Факт е дека кралското семејство и сè околу него е најпрофитабилен британски бренд, дури и кога (или особено кога) не е сосема функционално. Токму поради тоа очите на светот освен кон спектаклот, се насочени и кон соочувањето на „тежината“ на новата кралска положба и тоа како ќе изгледа британската реалност кога ќе помине еуфоријата.
Вчерашното утро почна мирно, онака право лондонско утро со умерен дожд. Само понекој автомобил или човек се најде на улиците на периферијата од Лондон, бидејќи поголемиот дел луѓе беа пред телевизиските екрани или одамна беа упатени кон местата каде што може да почувствуваат дел од атмосферата и ако се доволно среќни, односно упорни, можеби и да го видат новиот крал. А, на станиците од метроата нè поздравуваа идните крал и кралица со порака што, меѓу другото, нè предупредува да внимаваме на растојанието меѓу возот и платформата, инаку вообичаена порака што постојано може да ја чуете преку озвучувањето на станиците. Луѓето беа позитивно изненадени од пораката и се чувствуваа возбуда и еуфорија, особено што по вчерашната церемонија прославата продолжува на целиот остров, сè до вторник. Улиците и куќите се украсени со знамиња, круни и други кралски симболи, а малкумина се тие што не планираат добро да се забавуваат, без разлика дали станува збор за улично збирање, приватна забава или, пак, продолжението на програмата во Виндзор и другите места опфатени со официјалната програма.
Пред Вестминстерската опатија вчера уште од девет часот утрото пристигнуваа официјални лица, претставници од други кралски семејства од целиот свет, од Монако до Бурма и Јапонија, актуелниот премиер Руши Сунак, но и претходните: Борис Џонсон, Тереза Меј, Џон Мејџор, Дејвид Камерун, Тони Блер, Гордон Браун и Лиз Трас. Иако сегашниот крал бараше стилот на облеката за официјалните лица да биде секојдневен (casual), сакајќи со тоа што повеќе да се приближи кон обичните граѓани, многу познати дами, очекувано, ја искористија можноста на настанот да ги покажат своите трендовски креации. Кејти Пери, сопругата на францускиот претседател Брижит Макрон и Софи Грегори Трудо, сопруга на премиерот на Канада, се определија за креации во нежнорозови тонови, глумицата Ема Томпсон беше особено забележителна во црвен мантил, а еднакво внимание предизвикаа и синиот фустан на првата дама на САД, Џил Бајден, која дојде придружувана од својата ќерка, кралицата Ранија од Јордан во светложолта креација и, секако, Кејт Мидлтон во бел свилен фустан од Александар Меквин и бисери од принцезата Дајана.
Паралелно со оваа парада на гламур, од која беа дел и Ник Кејв, Лионел Ричи, уредникот на британски „Вог“ (Vogue), Едвард Енинфул, модниот дизајнер Озвалд Боатенг, се случуваше и антимонархиски протест во чиј тек беа одземени плакати со натписи „Тој не е мој крал“ и во кои педесетмина беа уапсени, меѓу кои и еден од водачите на кампањата за „Република“ и организатор на протестите, Грахам Смит, извести Би-би-си (BBC). И додека полицијата образложуваше дека апсењата се превенција од вознемирување на јавноста, таквиот потег предизвика лавина критики од страна на меѓународните организации за заштита на човековите права поради сомнеж за прекршување на еден од основните постулати на британската демократија - слободата на говор.
„Во деновите пред крунисувањето, последното гласање покажа дека 48 проценти од граѓаните се за напуштање на монархијата. По смртта на кралицата Елизабета Втора, која дури и најстрасните антимонархисти ја почитуваа поради нејзината војничка посветеност на својата улога и народ, сега 26 проценти од испитаниците во истото истражување се изјаснија против. Тоа е малцинство, но секако е сериозен сигнал кога четвртина од анкетираните претпочитаат република. Американскиот систем не е тоа што мнозинството антимонархисти го сметаат за мудро решение, туку избирање водач на нацијата преку демократско гласање“, објаснува Кевин Дарел, консултант за маркетинг во „Девон“ (Devon). Тој е еден од многуте Британци што деновиве ќе ви речат дека со толку остар пораст од 22 отсто во однос на септември 2022 година, ова може да биде последното крунисување крал на Англија. А, причините за незадоволство, како што веќе многупати се пишуваше, се главно растечката инфлација и штрајковите во јавниот сектор, почнувајќи од здравството, па до железничкиот транспорт.
Иако популарноста на монархијата опадна по смртта на кралицата Елизабета, има и умерени мислења.
„Мојот став е поизнијансиран од ставот на мојата сопруга. Не е тоа прашање што ќе предизвика караница, но нејзе и натаму ѝ е тешко да прифати дека мојот сентимент кон монархијата е далеку поладен по смртта на кралицата. Не сум страсно против, но мислам дека целата таа помпезност треба да се намали и да придонесе кралското семејство во многу поголема мера да ѝ биде ставено на располагање на јавноста. Ми се допаѓа возбудата што го следи ваквиот настан, но толкав трошок кога речиси секое второ семејство мора добро да размисли за секој трошок пред да го стори, остава малку горчлив вкус во устата. Ќе фрлам поглед на преносот, но не можам да бидам возбуден поради сето тоа. Мислам дека Чарлс не ужива ни половина од наклонетоста на јавноста што ја имаше Лизи, така што ќе биде интересно да се следи дали и колку монархијата ќе се менува во текот на наредните декади“, рече Јан Чилдс, софтверски програмер од Лондон, пред церемонијата на крунисување.
Неговата сопруга Сара Чилдс, 45-годишна учителка во основно училиште, беше понаклонета да им се приклучи на тие 4.000 луѓе што лично го следеа настанот и одлучија да сведочат на овој историски момент: „Монархијата е важен дел од нашата историја и не гледам зошто би се менувало тоа. Ова е прво крунисување на кое сведочат тие што се родени по шеесеттите години од минатиот век. Сакам да го проследам овој историски момент иако, искрено, на сите ни е малку невообичаено да извикуваме 'Да живее кралот!'“.
И токму тоа се извикуваше и пееше речиси во секој момент од внимателно осмислената кореографија, со која Чарлс Трети одлучи да се упати на своето крунисување во дијамантската кочија, меѓу другото, и поради фактот што поседува систем за греење, односно ладење и нови амортизери, па овозможува поудобно и побезбедно возење кон круната.
Дочекан со стиховите од химната, која јасно упатува на единство и еднаквост на сите луѓе, самата церемонија на крунисување имаше многу симболика што инсистира на обединување и разбирање на народот, расата и верата, вредности за кои постојано се залагаше неговата мајка.
Самиот чин на миропомазание со светото масло, благословено во Ерусалим, не беше достапен за камерите и јавноста и се одржуваше зад параван посебно дизајнираниот за оваа пригода, со насликано дрво на чии гранки беа испишани сите земји од кралството. Причината за тоа е што самиот чин се смета за посебно поврзување на кралот со бога, а во текот на чинот кралот беше во бела облека, некаков вид туника, која симболизира скромност пред моќта на врховниот владетел.
Посебно место во опатијата имаа православните христијански икони и настапот на византискиот хор како чест за грчкото потекло на неговиот татко, принцот Филип, а претставниците на најголемите светски религии го даруваа кралот со различни работи, од прстени до ракавици. Првиот британски хинду премиер, Руши Сунак, пред церемонијата изјави дека ова е момент на голема национална гордост.
Местото на самото крунисување беше резервирано и за неколку стотини граѓани што се истакнале со придонес во својата заедница или, пак, со исклучиво служење, односно помош во текот на пандемијата, како и 4.000 луѓе што имаа резервирани седишта во текот на преносот пред Бакингемската палата, каде што поупорните и посреќните имаа можност да ги видат на балконот новиот крал и кралица со семејството.
Иако, како што јавува „Блумберг“, процените се дека почетната цифра од 100 милиони, колку што настанот ќе ја чини британската економија, на крајот кога сè ќе се сумира ќе биде многу поголема, крунисувањето имаше и позитивно влијание на туризмот, угостителството и продажбата на сувенири, чии приходи, според анализата на „Блумберг“, се очекува дека ќе надминат милијарда фунти. За баровите, рестораните и хотелите ова може да биде клучен промет за излез од кризата во која гранката западна уште од пандемијата.
И не само тоа, како и во претходните пригоди, се верува дека кралскиот настан е многу добра можност за понатамошен развој на дипломатските односи со клучните партнери во светот, судејќи според големиот број присутни претставници од земји од целиот свет.
И што потоа?
За денеска е планиран голем ручек како манифестација, на која, како продолжение на прославата, ќе се јадат јадења приготвени по специјални рецепти само за оваа пригода, а избрани од страна од кралската двојка. Оваа иницијатива е поддржана од „Иден комјунитис“ (Eden Communities) и други хуманитарни организации и има цел да ги зближи луѓето и да организира со донациите од неделниот ручек да им се помогне на тие што не можат да си дозволат и кои се потпираат на „банката на храна“, а чија бројка сега е околу 2.200 низ земјата. Трговските синџири се подготвени да ја дочекаат иницијативата и во рамки на програмата за свечената трпеза да приредат различни варијанти од тие јадења во единечно пакување, за што е потребно да се плати 3,7 фунти.
Иако крунисувањето го следат економски и финансиски проблеми, како и сè поголемо незадоволство на нацијата, ова беше свечен и значаен ден за Велика Британија, во која возбудувањето ќе се замени со исчекување како Чарлс Трети ќе ја продолжи мисијата на својата мајка, а тоа е посветеност и умешно управување во најпроблематичните моменти, како и лојална служба на нешто што е над сè, па дури и за тие што ја носат и претставуваат круната.