Кинескиот претседател Шји Џјинпинг рече дека Кина е подготвена да работи во сферата на технолошките иновации и глобалните предизвици, вклучувајќи ја и превенцијата од пандемии, за време на состанокот со американскиот милијардер Бил Гејтс, кому ова му е прва посета на азиската земја од 2019 година.
„Вие сте првиот американски пријател со кого сум се сретнал во Пекинг оваа година“, му рекол Шjи на коосновачот на „Мајкрософт“ во петокот, според државната телевизија „Чајна централ телевижн“ (China Central Television).
„Отсекогаш сум велел дека основата на врските меѓу Кина и САД лежи во луѓето“, додал кинескиот лидер. „Секогаш полагаме надеж во американскиот народ и се надеваме дека двата народа ќе продолжат да бидат пријателски расположени“.
На состанокот присуствуваа високиот кинески дипломат Ванг Ји и министерот за надворешни работи Чин Ганг.
Средбата на Шји со Гејтс ги зголемува очекувањата кинескиот лидер да се сретне и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој од недела треба да го посети Пекинг на дводневно патување. Таа презакажана посета има цел да ги ресетира врските меѓу најголемите економии во светот, по расправијата околу наводниот кинески шпионски балон над американско тло.
Претходно, фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ и претставници на градските власти во Пекинг се согласија да донираат 50 милиони долари (двете страни) за борба против заразните болести како маларијата.
„Парите ќе бидат насочени кон Глобалниот институт за истражување лекови за глобално здравје“, се наведува во соопштението на фондацијата „Гејтс“. Институтот е непрофитна организација, основана во 2016 година од фондацијата „Гејтс“, Општинската влада во Пекинг и универзитетот „Цингхуа“.
Во говорот во четвртокот во институтот, Гејтс ѝ честиташе на Кина за искоренувањето на маларијата во нејзините граници. Тој исто така ги пофали кинеските научници што се борат со болеста низ светот, според транскриптот од говорот објавен од фондацијата „Гејтс“.
Гејтс во четвртокот се сретна и со градоначалникот на Пекинг, Јин Јонг, според весниците во Пекинг. Јин го пофалил институтот за „пробивите“ направени во изминатите години и ветил дополнителна поддршка.
Во објавата на Твитер во средата, најавувајќи го своето пристигнување во Пекинг, Гејтс рече дека е „возбуден што ќе ги посети партнерите што соработуваат на глобалните здравствени и развојни предизвици повеќе од 15 години“ со фондацијата „Гејтс“.