Од неколкуте дождливи денови во изминатава недела повторно испливаа старите македонски проблеми – несоодветно одржување на одводните канали и пропратната инфраструктура поради што секоја година македонските граѓани се соочуваат со поплави и свлечишта. Од друга страна, реката Рајна во Германија, која е главна транспортна артерија во Европа веќе почна да пресушува што само го истакнува негативното влијание на климатските промени врз нашето секојдневие.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на неделата.
Високообразованите ќе бидат најголеми жртви на вештачката интелигенција
Глобалниот бум на вештачката интелигенција ќе донесе период на зголемена продуктивност и поголем просперитет за некои, но исто така и големи шокови за други, главно високообразовани работници, се вели во новиот извештај на консултантската фирма „МекКинси“ (McKinsey & Co).
Цели деловни сектори, од продажба и маркетинг до операции со клиентите, ќе станат сè позависни од софтверот - со потенцијални економски придобивки од дури 4,4 илјади милијарди долари, што е околу 4,4 проценти од светската економија.
Четбот кој не зема поткуп за давање совети е хит во Индија
Чет ГПТ (ChatGPT) брзо најде дом во софистицираните ешалони на инвестициски банки и фирми за лекови. Сега, напредната вештачка интелигенција доаѓа до огромна работна сила која главно е технолошки неписмена и не говори англиски: домашните работници во Индија, рециклирачите на отпад и земјоделците.
Во преполните населби на Бангалор, готвачи, чистачи и други работници учествуваат во истражување за вештачката интелигенција, чија цел е да им помогне на некои од најсиромашните луѓе во нацијата да имаат пристап до парите од владините програми за борба против сиромаштијата, без да бидат жртви на бирократија и корупција.
Неочекувано закрепнување на најризичните државни обврзници
Најризичните суверени обврзници во светот имаат моментум откако инвеститорите на Вол Стрит одлучија да бараат високи приноси од земјите кои покажуваат рани знаци на пазарно-пријателско ориентирање. Државните доларски обврзници со низок рејтинг на Ел Салвадор, Нигерија и Турција се подобрија овој месец бидејќи менаџерите на пари преземаат ризични облози во замена за големи приноси.
Прашањето сега е дали ортодоксните политики можат да продолжат да привлекуваат капитал додека големите централни банки ја повторуваат својата посветеност да ја намалат инфлацијата.
Холандска компанија купува мнозински удел од клиниката „Жан Митрев“
Холандската компанија „Балкан Алајанс Хелткер Б.В.“ стекнува директна контрола врз приватната здравствена установа - клиничка болница „Жан Митрев“ преку купопродажба на удели. „Балкан Алајанс Хелткер Б.В.“ е друштво основано согласно регулативата на Холандија, со седиште во Амстердам и во рамките на својата инвестициона политика има намера да стапи во стратешко партнерство со клиничката болница „Жан Митрев“ преку стекнување на контрола со купување мнозински удел, согласно одредбите од Законот за установите и Законот за здравствената заштита.
Холандскиот инвеститор е финансиска холдинг компанија која врши инвестиции во претпријатија кои вршат дејности поврзани со давање на здравствени услуги.
„НЛБ“ ќе издаде зелени обврзници
„НЛБ“ им даде мандат на „Берклис Бенк Ирска“ (Barclays Bank Ireland PLC), „БНП Парибас“ (BNP Paribas), „БофА секјуритис“ (BofA Securities Europe SA) и „Ерсте банка“ (Erste Group Bank AG) заедно со „НЛБ Д.Д.“ да бидат водечки менаџери во организацијата на серија состаноци пред потенцијалното издавање на зелени обврзници со рок на достасување од 4 години, а кои може да се отповикаат по 3 години.
„Собраните средства планираме да ги искористиме за поддршка на проекти од областа на енергетска ефикасност, производство на енергија од обновливи извори, зелени згради и чист транспорт“, информираа од НЛБ.