Европскиот континент се загреа 2,3 степени над прединдустрискиот просек во 2022 година, се вели во заедничкиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО) и Службата за климатски промени Коперник на Европската унија. Научниците веќе велат дека има големи шанси 2023 година да биде уште потопла односно најтоплата година досега.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, се сретна со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, а по средбата даде оптимистичка изјава дека САД и Кина се согласуваат за потребата да ги „стабилизираат“ односите меѓу народите. Оптимизмот од Пекинг е една од вестите што треба да ги знаете ова утро.
Блинкен и Џјинпинг
Двајцата функционери во Пекинг разговараа за многу прашања, вклучувајќи ги руско-украинската војна, Северна Кореја и Тајван.
Шји му рекол на државниот секретар Блинкен дека е „многу добро“ што двете страни постигнале напредок во зајакнувањето на врските меѓу нив, односно меѓу двете најголеми економии во светот. „Се надевам дека оваа посета ќе даде повеќе позитивен придонес за стабилизација на кинеско-американските односи“, изјави Џјинпинг.
Блинкен, највисокиот американски функционер што ја посети Кина во последните пет години, оди на патувањето во бурно време, кога двете страни се расправаат околу сè, од човековите права и технологијата до продажбата на оружје на Тајван.
Успешен фонд ја згмечи конкуренцијата со акции за вештачка интелигенција
Кога станува збор за тргувања во однос на треската со вештачка интелигенција, еден глобален капитален фонд со врвни перформанси победува на големо со примена на несекојдневни идеи.
Ник Креган од „Ферлајт“ (Fairlight Asset Management) инвестира во компании за кои верува дека ќе бидат зајакнати од вештачката интелигенција или ќе бидат добро заштитени од нејзините импликации. Тоа е убедување што му помогна на неговиот фонд „Ферлајт глобал“ (Fairlight Global Small & Mid Cap) да се зголеми за 24 отсто во текот на изминатата година, надминувајќи 97 отсто од конкурентите, според податоците собрани од „Блумберг“.
„Не се обидуваме да го избереме победникот во вештачката интелигенција, мислиме дека тоа е како игра со шолји“, рече Креган во телефонско интервју. „Има некои водечки компании, за кои мислите дека ќе бидат победници, а потоа одеднаш ќе се појави некоја интересна технологија што целосно ќе го смени тој бизнис“.
Малите бизниси предводници во четиридневната работна недела
Во транзицијата кон четиридневната работна недела се појави сигурен шампион - малите бизниси. Податоците објавени во вторникот од софтверската компанија „Густо“ (Gusto) покажуваат дека речиси четвртина од малите бизниси специјализирани за технологија и професионални услуги нудат четиридневен распоред или размислуваат да го воведат.
„Компаниите во кои се работи од далечина го решаваат прашањето за флексибилност на сосема нов начин“, вели Лиз Вилке, главна економистка во „Густо“. Таа ги посочува малите компании како „сфера за тест“ на различни видови невообичаени работни распореди.
Уште позабележително, 40 отсто од малите бизниси што постојано работат од далечина посочиле дека се „далеку над просекот“ во градењето лични врски меѓу работниците, додека само 33 отсто од компаниите со целосно присуство и 24 отсто од оние со хибриден режим на работа пријавиле такви резултати.
Нема мир со цените на струјата и гасот - сè уште
Има најмалку три фактори поради кои не треба да се очекува експлозија на цената на електрична енергија до крајот на летото, но тоа не значи дека струјата нема да поскапува. Една година по невидениот раст на цените на електричната енергија, анализираме дали конечно се гледа светлото на крајот на тунелот.
Во следните три месеци на ХУПЕКС се очекува раст на цената. Но фјучерсите се значително пониски од лани. Струјата за јули се тргува по цена од 123,16 евра, за август по132,48 евра, за септември по 139,75 евра.
Познавачите велат дека има повеќе причини за поповолните состојби. „Оваа година временските услови беа поволни во текот на поголемиот дел од зимата, а хидрорезервите исто така значително се подобрија“, вели Сања Божиновска, енергетска експертка.
Златко Черепналкоски, директор за развој и стратегија во ЕДС АД, пак, вели дека моменталните берзански цени релевантни за Средна и Југоисточна Европа не даваат причини за загриженост, но сепак можат да изненадат или поради движењето на цените на преостанатите енергенти или поради локални дисбаланси помеѓу понудата и побарувачката поради големи централи што одат во летен ремонт.
Германија му дава на „Интел“ 10 милијарди евра за фабрика за чипови
Германија и корпорацијата „Интел“ потпишаа договор со кој американската компанија треба да добие субвенции во вредност од 10 милијарди евра (10,9 милијарди долари) за фабрика за производство на полупроводници во источниот дел на земјата. Информацијата ја споделија извори што се запознаени со договорот.
„Интел“ првично се согласи да го изгради објектот во градот Магдебург, со владина помош од 6,8 милијарди евра, но го одложи почетокот на изградбата на фабриката поради превирања.
Следиме...
Државниот завод за статистика ќе ги објави податоците за просечната исплатена плата по вработен за април.
Во март просечната исплатена месечна нето-плата во Македонија била 34.925 денари. Споредено со претходниот месец, зголемувањето на просечната плата е 3,6 проценти, а на годишно ниво растот на платите е 12,4 проценти. Реално, платата во земјава на годишно ниво се намалила за два отсто, секако, како последица на растот на цените.