Инфлацијата во Шпанија во јуни забави на помалку од два отсто на годишна основа, што секако е добра вест за Европската централна банка (ЕЦБ), која во моментов се обидува да ја доведе инфлацијата во еврозоната на посакуваното ниво од околу два отсто. Сепак, претставниците на ЕЦБ нема да можат премногу да уживаат во податоците од четвртата по големина економија на еврозоната, бидејќи се чини дека показателите за базичната инфлација во еврозоната ќе покажат дека таа забрзалa.
Добро утро, подолу вестите што ги одвоивме за почеток на денот.
Македонски менаџери со поголеми плати од буџетите на фудбалските клубови
Лошите резултати на македонскиот спорт, пред се во кошарката и во фудбалот, не треба да бидат изненадување ако се земат предвид годишните буџети со кои располагаат спортските клубови. Нашата анализа на годишните финансиски извештаи за 2022 што досега ги објавија клубовите-акционерски друштва преку Македонската берза откриваат поразителни бројки.
За да се долови колку се мали буџетите на македонските спортски клубови добар показател се примањата на менаџерите во некои македонските банки. Пример, во текот на минатата година на петте членовите на Управниот одбор на Комерцијална банка на бруто-основа им се исплатени вкупно 82,9 милиони денари (1,3 милиони евра).
Ќе стане ли ЕСГ рејтингот златен стандард за компаниите?
Само една банка во земјава има меѓународен кредитен рејтинг. Тоа што останатите немаат значи дека или имаат други други извори на финансирање дома, или немаат инвестициски планови за проекти од поголем обем за кои е неопходно да емитираат обврзници на меѓународните финансиски пазари.
Единствената банка со меѓународен рејтин е ПроКредит банка. Рејтинг агенцијата „Фич“ неделава го потврди стабилниот рејтинг на банката. Прашавме кои се придобивките од оваа оценка. Од банката велат дека една од главните придобивки е пристапот до поевтини извори на финансирање.
Економијата добро ги поднесува каматите, најавени нови затегнувања
Глобалната економија и инфлацијата досега се покажаа изненадувачки отпорни на серијата зголемувања на каматните стапки, што ги наведе шефовите на централните банки во средата да повикаат на дополнително заострување.
На собирот во Синтра, Португалија, претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, и гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, рекоа дека имаат начини да ја зауздат високата инфлација.
„Иако политиката е рестриктивна, таа можеби не е доволно рестриктивна и не е рестриктивна доволно долго“, рече Пауел на панел-дискусијата организирана од ЕЦБ, во која беше вклучен и гувернерот на Банката на Јапонија, Казуо Уеда.
Подготвен за употреба системот за заедничка наплата на патарини со Србија
Системот за заедничка електронска наплата на патарина со примена на еден „таг“ при патување во државава и во Србија ги помина успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален, информираа од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Проектот беше најавен во септември 2021 година, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, а почетен датум за примена е 1 јули годинава. Ќе функционира на тој начин што, наместо да запираат, возачите од двете земји ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија и во Србија.
Тужба против сопственикот на ЧетГПТ за кражба на податоци
Креаторот на ЧетГПТ (ChatGPT), „Опен еј-ај“ (OpenAI Inc), наводно краде големи количини на лични податоци за да ги обучи моделите за вештачка интелигенција, во потрага по профит, тврдат група анонимни поединци во колективна тужба (анг. class action).
„Опен еј-ај“, наводно, ги прекршил законите за приватност со тајно собирање 300 милијарди зборови од интернет, користејќи „книги, статии, веб-страници и публикации - вклучително и лични информации добиени без согласност“, се вели во обемната тужба од 157 страници. Тужбата ја обвинува компанијата дека предизвикува ризик за „цивилизациски колапс“.