Цените на луксузните швајцарски часовници се најниски во речиси две години на секундарниот пазар, бидејќи моделите од „Ролекс“ (Rolex), „Патек Филип“ (Patek Philippe) и „Одемар Пиге“ (Audemars Piguet) продолжуваат да паѓаат од рекордните нивоа забележани на почетокот од 2022 година. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Средно стручно за брзо вработување - но каде, во Македонија или во Германија?
Големи се придобивките од вклучувањето на македонските средношколци во таканареченото дуално стручно образование, бидејќи тие добиваат соодветна обука, со што утре веднаш можат да добијат вработување во некоја од странските компании во земјава.
Меѓутоа, откриваме дека сè повеќе од нив наместо да останат на работа во компаниите каде што биле обучувани, откако ќе ги добијат потребните сертификати заминуваат на работа во Германија или во некои други европски земји, што негативно влијае на пазарот на трудот во земјава.
Индустријата за пластична амбалажа во одбрана на профитот
Во регионот Адрија, индустријата за производство на пластична амбалажа е фрагментирана и доминирана од средни компании, обично специјализирани за специфичен сегмент производи, укажуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на овој сектор објавена на „Блумберг Адрија Инсајт“.
Според нив, повеќето компании во регионот, особено оние кои бележат силни стапки на раст, се извозно ориентирани и остваруваат најголем дел од продажбата на странските пазари.
Работниците планираат откази, но ќе имаат незгоден ривал за новата позиција
Студијата на ПВЦ (PwC), во која беа анкетирани 54.000 работници во 46 земји и територии, покажа дека секој четврти канцелариски работник (26 проценти) сака да го смени работното место во следните 12 месеци, што е зголемување во споредба со 19 проценти кои сакале да го направат тоа пред една година.
Сепак, незадоволните канцелариски работници кои планираат да ги напуштат своите работни места во следната година најверојатно ќе се натпреваруваат со вештачката интелигенција за друга позиција, па затоа е од клучно значење да се совладаат нови вештини сега.
Златото веќе не е прибежиште во време на криза
Ако Кина стане главна економска сила во светот, на кинеската економија ќе ѝ треба повеќе злато, дури и ако тоа е само суровина за индустриска употреба, а тоа пак ќе го поттикне растот на цената на златото, исто како што се случи во 2002 година. Дополнително, постои значителна побарувачка за златен накит од Индија, а како што земјата станува сè побогата, тоа ќе биде поттик за понатамошна побарувачка и понатамошен раст на цените.
Земајќи ги предвид овие два механизма, златото повеќе не е добро средство за заштита на капиталот во време на криза, особено поради фактот што е поврзано и со ниските каматни стапки и со светскиот економски раст. Златото станува уште еден цикличен економски инструмент и тоа е една од причините зошто цените на златото повеќе не се следат и не се гледаат како индикатори за социјален и економски колапс. Наместо тоа, сосема е во ред цената на златото да расте или да биде висока.
Милениумците бараат пари од своите родители и им е срам поради тоа
Само 28 отсто од милениумците (на возраст од 27 до 42 години) и припадници на генерацијата зед (од 18 до 26 години) одговориле „воопшто“ на прашањето дали сè уште се потпираат на нивните родители за финансиска поддршка, според една неодамнешна студија од кредитната агенција „Експиријан“ (Experian). Повеќе од половина рекле дека се „донекаде или многу“ зависни од парите од нивните семејства.
Во исто време, две третини се чувствуваат засрамени кога треба да побараат финансиска помош од нивните родители, а од милениумците 70 отсто го споделуваат ова чувство, покажа истражувањето.