Раст на платите на сите вработени во јавниот сектор од 10 отсто почнувајќи со платата за септември 2023 година ќе биде вклучен како расход со ребалансот на буџетот кој ќе го направи Министерството за финансии. Зголемувањето на платите произлезе од интензивни средби и разговори меѓу Министерството и синдикатот на вработените во државната администрација. Ние анализираме кои се последиците од оваа одлука и тоа е една од петте вести кои треба да ги знаете на почетокот на овој ден.
Буџетот за плати за 10 години пораснал за над 180 милиони евра
За десет години, сумата за плати за јавниот сектор во буџетот се зголемила за над 183 милиони евра. Анализата на буџетите од 2014 до 2023 покажува дека оваа ставка расте без исклучок, а допрва динамиката ќе се зголемува.
Министерот за финансии Фатмир Бесими не соопшти колку ќе го чини државниот буџет најновиот договор за зголемување на платите на административците за 10 отсто од септември. Не е јасно ниту од која ставка ќе се крати за да се обезбедат пари за оваа намена.
Проблемот со платите во јавниот сектор стана многу поактуелен откако државата со закон ја утврди минималната плата, а капката што ја прели чашата беше зголемувањето на платите на 1.060 функционери за 78 отсто.
По 600 евра К-15 во ЕСМ и МЕПСО, а компаниите наддаваат за регресот
Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера соопшти и дека во работната група е постигнат договор за исплата на регрес за годишен одмор и на овие вработени во износ од 10.000 денари за 2023 година. Со оваа одлука која треба да помине и на Економско-социјалниот совет, К-15 во тој износ треба да добијат 130.000 вработени во администрацијата.
Во последните години први К-15 исплатуваа моќните државни компании кои регресот го пресметуваат секако согласно Законот за работни односи и внатрешно потпишаните колективни договори во сума над законскиот минимум кој за годинава е 13.679 денари. Државните електрани на Северна Македонија (ЕСМ) веќе им исплатиле К-15 на повеќе од 4.000 вработени во износ на просечната плата која според Државниот завод за статистика изнесува 36.134 денари.
И на сметките на околу 600 вработени во електропреносниот оператор „МЕПСО“ легнал надоместокот за годишен одмор и тоа во висина на исплатената просечна нето плата во последните три месеци.
Интерес за граѓанските обврзници, „сопки“ за општинските
Се наближува денот на издавање на граѓанските обврзници. Анализиравме каков е интересот кај граѓаните, а според банките станува збор за исклучително голем број барања.
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат интересот меѓу македонските граѓани за двегодишните граѓански обврзници да ја надмине вкупната вредност на понудената емисија од 600 милиони денари (безмалку 10 милиони евра). Главна причина за тоа е каматната стапка од пет проценти, која е речиси двојно повисока од просечната камата на депозитите орочени на две години.
А градоначалникот на општина Аеродром во гостување на „Блумберг Адрија ТВ“ изјави дека од апсолутно нејасни причини за нив, се блокира техничка одлука којашто ќе и овозможи на општината да биде првата која издала општинска обврзница.
Позитивни мислења и согласност за обврзницата веќе дадоа Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Хеџ фондовите се обложуваат во пад на доларот
Хеџ фондовите ширум светот се свртеа кон обложување на пад на доларот за прв пат од март, бидејќи претпоставуваат дека Федералните резерви на САД (ФЕД) конечно се приближуваат до крајот на циклусот на зголемување на каматната стапка.
Инвеститорите со левериџ поминаа во нето кратка позиција на американската валута разгледувајќи 20.091 договори за неделата која траеше до 7 јули, покажуваат податоците на Комисијата за тргување со фјучерси на стоки, кои ги објави „Блумберг“. Една недела претходно тие беа нето подолги за 5.196 договори.
Индексот на доларот на „Блумберг“ падна за 1,6 отсто оваа година поради знаците дека ФЕД се приближува кон крајот на циклусот на затегнување во време кога остатокот од светот се уште ги зголемува каматните стапки за да се бори против инфлацијата.
Десет најхаотични аеродроми во Европа
Европските авиокомпании се обидуваат да избегнат повторување на патувачкиот хаос од претходната година, кога штрајковите и недостигот на персонал го принуди лондонскиот аеродром „Хитроу“(Heathrow) да го ограничи бројот на патници и да побара од авиокомпаниите да ја ограничат продажбата на билети. Бројот на патници во јули и август се очекува да го надмине бројот што беше пред пандемијата со што постои ризик овие два месеци европските аеродроми да бидат заглавени.
Компанијата за правата на патниците „АирХелп“(AirHelp) анализираше доцнења од повеќе од 15 минути и отажување на 5.000 летови на европските аеродроми. Најлош престапник е лондонскиот „Гетвик “(Gatwick) каде 54 отсто од предвидените летови биле прекинати, додека на аеродромот во Хелсинки биле откажани 18 отсто од вкупно предвидените летови.
На амстердамскиот „Шипхол“ (Schiphol) кој опслужи 72 милиони патници во 2019 година во откажувања биле 36 отсто од летовите, додека на „Хитроу“(Heathrow) низ кој во 2019 година поминале речиси 81 милион патници беа погодени 40 отсто од летовите.
Листата на десетте најхаотични аеродроми овде.