Во Македонија денеска прв пат ќе се одржи аукција на граѓански обврзници. Номиналниот износ на една обврзница е 10.000 денари, а купонската камата изнесува пет проценти. Се очекува побарувачката да ја надмине понудата од 600.000.000 милиони денари(безмалку десет милиони евра), а Владата најави дека доколку има интерес постои можност за зголемување на понудата до 15 милиони евра. Иако новиот финансиски инструмент е позитивна промена на македонскиот пазар, на голем број од граѓаните не им е дојдено до граѓански обврзници.
Добро утро, подолу петте вести што ги изводивме за почеток на денот.
Блокирани над 113.000 граѓани и фирми
Точно 113.128 депоненти - граѓани и фирми имале блокирани сметки на крајот на првиот квартал годинава, покажуваат новите податоци на Народната банка. Од вкупниот број блокирани депоненти 86.982 се физички лица, 26.146 се правни лица. Статистиката на Народната банка покажува дека има благ раст на бројот на блокирани граѓани од почетокот на годинава, додека во март има намалување на бројот блокирани правни лица во однос на претходниот месец.
Македонија од почетокот на 2022 година доживеа невиден раст на инфлацијата, која достигна рекордно ниво од 19,8 проценти во октомври минатата година. Тоа се отслика и кај бројот на блокирани депоненти. Имено, во ноември, минатата година имаше рекордно ниво од над 115.000 граѓани и правни лица со блокирани сметки.
Причините за инфлација и зошто е тешко да се намали во Македонија
Полнењето на кошницата со производи за дома чини повеќе од пред една година, цените на мебелот и облеката се повисоки. Потешко може да купите половен автомобил по прифатлива цена, а доколку сакате да земете кредит, побрзајте, каматите растат. Секогаш кога купувате се чини дека цените се зголемиле.
Досега многу пати пишувавме и го анализиравме растот на цените и дали тој е природна последица или реакција на одредени чинители на пазарот во услови на повеќе последователни кризи. Овојпат се фокусираме на упорноста на инфлацијата во земјава и кои се точно клучните причини за тоа. Зголемување на основните цени е инфлација, или за иста сума на пари добивате помалку производи или услуги.
Опозицијата против европското знаме за данокот на солидарност
Опозицијата нема да ги поддржи измените на законите за данокот на солидарност, данокот на додадена вредност (ДДВ) и за добивка, кои како што е најавено, ќе се носат со европско знаменце. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој наедно е и претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет вели дека ќе ги искористат сите деловнички можности за да ги разубедат колегите пратеници дека овие закони се штетни за економија и граѓаните.
Според Стојановски, ДДВ за храната не треба да има, ДДВ-то на струјата да биде пет проценти се додека инфлацијата не се врати во нормални рамки, блиску до целната. Со законот за ДДВ, посочува тој, ќе се зголеми и цената на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18 отсто наместо сегашните пет.
Како Силициумската долина се навлече на дрога?
Спенсер Шулем, извршен директор на стартапот „Билд бетер“ (BuildBetter.ai), вели дека користи ЛСД на секои три месеци бидејќи тоа му го зголемува фокусот и му помага да размислува покреативно. Додека работи сам по работното време, понекогаш зема многу мала доза, со која, како како што вели, никој не би знаел дека е на ЛСД. Во други ситуации, тој зема поголема доза сам и се поврзува со природата одејќи на планинарење.
Шулем, кој живее во Њујорк, вели дека високите очекувања на фирмите за ризичен капитал и инвеститорите воопшто, може да ги наведат основачите да се свртат кон психоделици за да си обезбедат предност. „Тие не сакаат нормална личност, нормална компанија“, истакнува тој. „Сакаат нешто извонредно. А никој не е роден извонреден“.
Се чекаат правилниците за складирање на вишокот енергија од обновливи извори
Работни групи ги дефинираат подзаконските акти за полесно и ефикасно складирање на вишокот енергија од обновливите извори на енергија, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, директорот на Агенцијата за енергетика, Дарио Николовски.
На овој начин треба дополнително да се поттикнат инвестиции во енергетиката и да се овозможи и намалување на трошоците на компаниите кои вложуваат во сопствени капацитети за обновливи извори на енергија. Николовски вели дека за таа дејност веќе е создаден простор преку измената на Законот за енергетика, која се направи во ноември лани.