Почнува неделата во која на одвоени состаноци свои одлуки за идниот пат на монетарната политика ќе носат Федералните резерви на САД (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ). Сигналите што ќе ги испратат и пред состаноците ќе ги движат пазарите, а одлуките секако ќе имаат клучно значење за глобалната економија. Ова е една од петте вести што треба да ги знаете ова утро.
Клучна недела
Големите светски централни банки се состануваат оваа недела за да ја утврдат монетарната политика во услови на континуирани знаци дека се намалува најтешката инфлациска криза во последните децении.
Додека ФЕД и ЕЦБ се очекува да ги зголемат каматните стапки за 25 базични поени, поголем фокус ќе има на сигнализирањето од креаторите на политиката за тоа дали ќе има уште зголемувања или ќе се планира запирање на циклусот на раст на каматите.
И претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, предупредија дека инфлацијата останува превисока, принудувајќи ги дополнително да ги зголемат трошоците за задолжување.
Министрите од Г20 без договор за нови климатски цели
Состанокот на министрите за енергетика на Г20 во Индија заврши без договор за етапното укинување на фосилните горива. И покрај бавниот напредок во климатската дипломатија, министрите не успеаја да се договорат за можен план за климатските промени пред клучните состаноци закажани за оваа година.
Додека некои земји се согласија за потребата од постепено укинување на употребата на нафта и гас, други земји предложија намалувањето на емисиите да се реши со технологии за отстранување на јаглеродот.
„Неколку земји од Блискиот Исток сметаа дека загриженоста за емисиите на јаглерод може да се реши со технологии “, изјави за новинарите Раџ Кумар Синг, министер за енергија на Индија.
„Не дај боже“ да се засити Германија
Предизвик за индустриското производство во регионот Адрија е неизвесноста во побарувачката, а недостигот од квалификувана работна сила е ограничување поради кое подобрувањето на продуктивноста на трудот во регионот е задолжително, укажуваат аналитичарите на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на трендовите во трговската размена во овој сектор објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„Преработувачкото производство опаѓа поради слабеењето на надворешната побарувачка, особено по падот на производството на интермедијарни производи во регионот“, велат аналитичарите.
Топ три проблеми на македонскиот извоз
Долг е списокот на проблеми и ограничувања со кои се соочуваат македонските извозници. Бизнисот сака системски промени, а и поддршка од државата во смисла да се креира амбиент извозот да стане национален интерес. Во услови на драматични поместувања на глобалните економски текови, стабилен извоз може да гарантира и стабилен раст.
Се разбира, во вакви времиња има многу ограничувања, особено контракциите на странската побарувачка, но ако решението е системско, тогаш потресите ќе бидат помали. Во кратка анализа прашавме бизнисмени за тоа кои се трите најголеми проблеми со кои се соочуваат извозниците во земјава.
Читајте овде.
Чудни бури
Топлотните бранови носат екстремни временски услови низ Европа, од шумски пожари во Грција до невреме со град во Италија и обилни врнежи на Балканот. Грчката крајбрежна стража ги води напорите за евакуација на туристите и локалното население од плажите во областите Киотари и Лардос во источниот дел на островот Родос, откако шумски пожар избувна во саботата на повисоките места во регионот.
Невремето исто така предизвика хаос во делови од Западен Балкан, вклучувајќи и во Србија, каде што три лица загинаа во текот на ноќта во одделни инциденти. Жена загина во пожар предизвикан од гром, 12-годишно момче загина од паѓање на дрво, а маж го удрил струен удар каде што се обидел да ги отстрани далноводите искинати од екстремниот ветер. Претходно оваа недела шест лица загинаа во слично невреме и екстремни временски услови во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.