Голем број компании во светот се на работ на преживување откако затегнувањето на монетарната политика за да се скроти високата инфлација донесе зголемување на каматите на кредитите. Истражуваме колкав е корпоративниот долг во Македонија и како компаниите се справуваат со растечките трошоци за финансирање. Истовремено, анализираме како новонастанатите услови влијаат врз работењето на берзите во земјите од регионот Адрија односно какви се нивните полугодишни резултати.
Освен раст на каматите на кредитите, рестриктивната монетарна политика донесе и мало зголемување на каматите на депозитите. Прашуваме какви се трендовите кај депозитите и дали повисоките камати доведоа до зголемување на штедните влогови.
Важноста на синџирите за снабдување со суровини дојде до израз за време на пандемијата на ковид и за време на првичното разгорување на војната во Украина. Иако оттогаш има подобрување во однос на снабдувањето, некои од индустриските капацитети повторно се соочуваат со проблеми при набавка на суровините. Лоцираме во кои сегменти од економијата се јавува овој проблем и кои компании имаат тешкотии да дојдат до суровини.
Компаниите од автомобилската индустрија во првото полугодие од годинава забележаа добивки над очекувањата. Анализираме кои се причините за ваквите трендови и каква е состојбата со компаниите од оваа индустрија што работат во Македонија.
Веќе подолг период македонските стопанственици алармираат дека на македонскиот пазар на трудот недостига квалификуван кадар, а овој проблем се нагласува и во извештаите на повеќето странски финансиски институции. Истражуваме каков кадар недостига најмногу и каде треба да се бара решение за овој проблем.
Голем дел од македонското население сè уште се занимава со земјоделство. Прашуваме како е да се биде индивидуален земјоделец и какви се цените на храната што се произведува. За крај на неделата правиме и пресметка колку чини да се зготви едно традиционално македонско јадење како што се полнетите пиперки.