Апликацијата Тредс (Threads) на компанијата „Мета“ (Meta) доживеа бум во првите неколку дена, надминувајќи сто милиони корисници. По три недели од лансирањето на новата апликација, бројот на корисници достигна речиси 120 милиони, а се очекува да надмине 230 милиони следната годинa. Оваа апликација стана најсимнувана и во земјава, а меѓу крахот со картичките во земјава и новите зголемувања на каматните стапки од страна на Европската централна банка и Федералните резерви на САД, ова е вест што треба да ја знаете на почетокот на овој ден.
Време ли е за реклами на Тредс?
Околу 1,15 милион корисници од Македонија се регистрирани на некоја од социјалните мрежи. Од нив, 65 отсто активно користат барам еден вид социјална мрежа, покажуваат податоците на компанијата „Пикаса“, која преку својата онлајн платформа „Аналитикс лајв“ (Analytics.live) во реално време следи повеќе од 1.300 медиуми. На врвот на листата најкористена социјална мрежа останува Фејсбук, а најмалку се користи Твитер.
Сепак, ако се анализираат трендовите, иако Фејсбук и Инстаграм имаат најголем број корисници, од почетокот на годинава се забележува пад на употребата. Тоа, според „Пикаса“, се должи на миграцијата на луѓето кон други мрежи, како Тикток, која се смета за најбрзорастечка апликација во земјава.
Ние анализиравме дали е време компаниите да се рекламираат и на Тредс.
Рекламирањето на Фејсбук ги зголеми приходите на „Мета“
А компанијата „Мета“ (Meta Platform Inc.) соопшти дека закрепнувањето во делот на рекламирањето ќе доведе до раст на приходите на компанијата, со најбрза стапка забележана од 2021 година. Тоа ќе му помогне на извршниот директор Марк Закерберг да ја врати поддршката на инвеститорите за неговите долгорочни амбиции.
Приходите на „Мета“ би можеле да пораснат до 20 отсто во тековниот квартал, објави компанијата во средата. Ова темпо на раст гигантот на социјалните мрежи „Мета“ го немаше забележано во условите кога економијата беше слаба поради пандемијата и пред воведените промени на „Епл“ (Apple Inc.) во правилата за приватност, кои доведоа до тоа „ Мета“ да има најлоша продажба на дигитални реклами.
Приходите се намалија првпат во текот на претходната година, што ги натера инвеститорите да го изгубат трпението за трошењата на Закерберг надвор од основната дејност.
Добри резултати за македонските блучипови
Домашните компании почнаа да ги објавуваат полугодишните финансиски резултати, а на некои им одело навистина добро во шесте месеци годинава.
„Алкалоид“ АД Скопје во периодот јануари-јуни 2023 година оствари единечна нето-добивка од 814.787.000 денари (13,2 милиони евра), што е зголемување од 19 проценти во однос на истиот период минатата година, соопшти компанијата преку Македонската берза.
Остварената консолидирана нето-добивка во 2023 година изнесува 773.414.000 денари (12,5 милиони евра) и исто така бележи зголемување од 19 проценти. Единечните вкупни приходи во периодот јануари-јуни 2023 година изнесуваат 6.474.598.000 денари (105,2 милиони евра) и, во споредба со остварените во истиот период во 2022 година, бележат раст од 13 проценти.
ЕЦБ и ФЕД со нови зголемувања, а ќе има уште
Европската централна банка ги подигна каматните стапки уште за четвртина поен и ги остави отворени опциите за следниот состанок, додека нејзината досега невидена рестриктивна кампања се приближува кон крајот.
Деветтото по ред зголемување од јули минатата година ја донесе депозитната стапка на 3,75 отсто во четвртокот - во согласност со очекувањата на економистите. Отсуството на навестувања за одлуката во септември значи дека ЕЦБ може повторно да покачи или да паузира, во зависност од цврстината на нејзиното убедување дека инфлацијата се враќа на целта од 2 отсто.
Претходниот ден и Федералните резерви на САД ја зголемија каматата за 25 базични поени.
Кнез: На ред е пеглањето на вишокот ликвидност
Иако последната одлука на Европската централна банка (ЕЦБ) и комуникацијата по неа беше очекувана, сепак неочекувано е укинувањето на каматите за деловните банки за задолжителната резерва. Ова е став на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ по одлуката на ЕЦБ одново да ги зголеми каматите за четвртина процентен поен.
„Таквата постапка е разумна бидејќи со сегашниот вишок на ликвидност од 3,6 илјади милијарди евра, ЕЦБ и онака има значителни каматни трошоци, плаќајќи камата на тој износ по стапка од (по ново) 3,75 проценти, вели Андреј Кнез, главен аналитичар. „Оваа одлука го олеснува билансот на добивка и загуба на ЕЦБ за 6 милијарди евра годишни расходи за камати кои би ги платиле банките за минималните резерви, додава.