Инфлацијата во земјава се намалува и, во согласност со проекциите на Владата, стана едноцифрена во јуни, но тоа не е доволно за Народната банка, па таа и натаму носи одлуки за зголемување на каматите. Од вчера референтната каматна стапка изнесува 6,15 отсто и е највисока од јуни 2010 година досега.
Ова ново затегнување на монетарната политика ќе донесе повисоки камати за кредитите, кои компаниите и така имаат проблем да ги отплаќаат, што, пак, отвора можност за банкроти.
Ништо добро не навестува ни официјалната статистика, според која индустриското производство забавува. Повисоките каматни стапки влијаат и на потрошувачката. Иван Одрчиќ, водечки аналитичар за финансиски пазари во „Блумберг Адрија“, анализира дека тие „значително влијаат на целокупното ниво на потрошувачка и, исто толку важно, на расположението на потрошувачите“.
И државата ги чувствува последиците од глобалното затегнување на монетарните политики. Во моментов таа се задолжува по највисоки камати од времето на глобалната економска криза во 2011 и 2012 година. Освен тоа, се задолжува и почесто во однос на претходно, па дефицитот стана двојно поголем од лани.
Растечкиот дефицит е проблем и во САД. Затоа, агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на најголемата економија во светот. Сега се поставува прашањето која земја е следна да го изгуби највисокиот рејтинг ААА.
Но, има и такви на кои им оди добро. На пример, јапонската компанија „Тојота“ стана производител на автомобили број 1 во светот, а веројатно и кај нас на некои им оди подобро, па расте побарувачката за автомобили, особено нови.
Добро им оди и на производителите на скапи чанти. „Хермес“ бележи раст за седум отсто на годишно ниво, а купувањето „биркин“ е помалку ризична инвестиција од купувањето злато или излегувањето на берза. Особено во услови кога намалувањето на бројот на котирани компании на берзите во регионот Адрија зема сè поголем замав.
Очекувајќи го заладувањето најавено за викендов, дознаваме дека летото е далеку од завршено и екстремните горештини ќе се вратат. Поради сушата, Рајна - најголемата река во Германија преку која бродовите транспортираат суровини, е загрозена. Значи, климатските промени допрва ќе бидат проблем и за тие на кои им оди добро и за другите.