Продолжува растот на каматните стапки и покрај тоа што инфлацијата забавува. Вчера и Народната банка на Македонија и Банката на Англија поставија нови рекордни висини на основните камати по повеќе од една деценија.
Добро утро, ова се петте вести што мора да ги знаете за почеток на овој петок.
Повеќе бегства отколку нови компании на берзите во регионот Адрија
Бран на намалување на бројот на котирани компании има во изминатиов период на берзите во регионот Адрија. Некои од компаниите самоволно се повлекуваат, а некои од нив се исклучени од котација поради стечај.
На крајот на 2022 година на Македонската берза котираа 94 друштва, што е за две помалку отколку на почетокот на годината, кога на берзата котираа 96 компании. Сличен тренд има и на Белградската берза. Од почетокот на годинава 19 компании го напуштија пазарот на капитал, а од почетокот на 2021 година се чека нова котација. Истовремено, од берзата во Бања Лука се избришани 44 хартии од вредност, од кои 28 акции од слободниот пазар, а немаше ниту една иницијална јавна понуда (ИПО).
Уставниот суд ќе одлучува за данокот на солидарност
Во исклучително лошо економско опкружување, раст на каматните стапки и долгови на стопанството, Владата сака да се спаси од кризата и да ја пополнува буџетската дупка на грбот на компаниите, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура, критикувајќи го законот за екстра-профит на компаниите или т.н. данок на солидарност.
„Овој данок да се носи во ваков ’жежок’ период за стопанството е со цел да се пополни дупката во буџетот и да се соберат 80 милиони евра. Овие мерки не се адекватни, видовме и од УЈП дека околу 140 милиони евра од даноци не се собрани од компании. Наместо да се ловат неплаќачите на даноци, со овој данок им се земаат средствата на компаниите што работат легално и ги планирале тие пари за инвестиции, нови работни места итн.“, вели Ќура.
НБРМ ја качи каматата на 6,15 отсто
Народната банка на Македонија по 13-ти пат ја зголеми каматата на благајничките записи. Зголемувањето изнесува 0,15 процентни поени и сега стапката изнесува 6,15 отсто.
Ова е најмалото зголемување на основната камата откако почна циклусот на монетарно затегнување, претходните беа во распон од 0,25 до 0,75 процентни поени. Со последниот потег на НБРМ, стапката стана највисока во последните 13 години, односно од јуни 2010 година.
БoE ја зголеми каматата за 25 базични поени
Банката на Англија (БoE) ги зголеми каматните стапки до нов 15-годишен рекорд, предупредувајќи дека нејзината борба против инфлацијата може да наметне построги услови за задолжување на подолг период.
Централната банка на Британија ја подигна основната стапка за 25 базични поени, на 5,25 отсто во четвртокот, што е помало покачување од зголемувањето за половина поен испорачано во јуни. Инвеститорите и економистите го очекуваа овој потег и прогнозираат натамошни зголемувања годинава.
Најголемите аеродроми во регионот Адрија со најдобри резултати од 2019 година
Комерцијалните аеродроми во регионот Адрија опслужија над 13,17 милиони патници во текот на првата половина од годината, пренесува „Ексјуавиејшн“ (exyuaviation.com). Вкупно единаесет аеродроми ги забележаа своите најдобри резултати во текот на шестмесечниот период. Тоа се аеродромите во Белград, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Задар, Тузла, Бања Лука, Ниш, Охрид и Краљево.
Од друга страна, аеродромите во Сараево, Риека и Марибор забележаа пад на бројот на патници во однос на минатата година. Неколку аеродроми сѐ уште стојат зад бројките остварени пред пандемијата, меѓу нив се аеродромите во Дубровник, Љубљана, Тиват, Пула, Осиек, Мостар и Брач.