Европската Унија ќе повлече 400 милиони евра од својот фонд за одговор при природни катастрофи за да ѝ помогне на Словенија да се избори со последиците од поплавите, кои премиерот на земјата Роберт Голоб ги нарече „најголемата природна катастрофа во поновата историја“.
Првиот е неповратен солидарен фонд од 400 милиони евра, кој ќе го добијат во неколку дела, од кои сто милиони веќе годинава. Словенија има уште 2,7 милијарди евра на располагање од фондот за закрепнување и за отпорност и пари од кохезивните фондови, каде што проектите ќе треба да се репрограмираат. „Кога станува збор за добивање пари, сепак, мора да се брза, бидејќи е неопходно да се испрати барање за ослободување и документација“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за новинарите во Љубљана по заедничката посета со Голоб на погодениот регион.
Премиерот Роберт Голоб ѝ се заблагодари на претседателката на Европската комисија. „ЕУ е најдоброто нешто што можеше да ѝ се случи на Словенија во последните сто години. Помошта што ја побаравме, ја добивме истиот ден. Побаравме тешка механизација и ја добивме, баравме хеликоптери и добивме . Тука се гледа европската солидарност“.
Голоб рече дека на терен се сретнале со погодените луѓе и јасно им кажале дека не се сами и дека нема да бидат сами. „Помошта ќе биде брза и ефикасна“, рече Голоб. „Техничка помош ќе добие и Словенија, за полесно да дојдеме до пари и поефикасно да ги трошиме“, рече премиерот. „Парите се ограничени, но ќе бидат доволни за помош. Прво треба да им помогнеме на луѓето“, додаде тој.
Најмалку шест лица загинаа, а десетици илјади словенечки домови се оштетени бидејќи силно невреме предизвика поплави и лизгање на земјиштето. Алпската земја со 2,1 милиони жители беше сериозно погодена од природната катастрофа, која предизвика големи штети и во соседните земји Австрија и Хрватска. Словенечката влада и извршната власт на ЕУ ќе формираат работна група за координација на реконструкцијата и на финансирањето. Поплавите предизвикаа штети од „милијарди“ евра, изјави Голоб за новинарите во понеделникот.