Јавното обвинителство (ЈОРСМ) и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејства за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, објави во понеделникот Јавното обвинителство. Оттаму тврдат дека во континуитет сe издаваат наредби и се обезбедуваат докази што треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели, а според кои скапа биолошка терапија од клиниката наместо кај пациентите, завршувала на црниот пазар, најчесто во Косово.
Јавноста со денови е во неверување од тврдењата дека на Клиниката за онкологија се давала несоодветна терапија на штета на пациентите, а заради остварување финансиска корист, акции што можеле или евентуално веќе резултирале со полош исход од лекувањето. Денеска повторно коментираше и премиерот Димитар Ковачевски според кого, ако има дело, одговорните треба да бидат казнети.
Во меѓувреме актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити денеска имаше прес-конференција и уверуваше дека терапијата што сега ја добиваат пациентите со канцер е соодветна. „Оваа клиника треба да биде светилник на болните од рак. Ја разбирам фрустрацијата што овој случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогените заболувања. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да се расчисти случајот на Клиниката за онкологија и да се утврди одговорноста на сите. Ќе создадам услови ова никогаш да не се повтори. За да се обезбеди темелна истрага, ќе бидеме транспарентни“, рече Меџити.
Министерот за здравство Фатмир Меџити беше во друштво на в.д. директорите на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисаровска и Хаљид Матоши, кои истакнаа дека тие имаат увид во она што се случувало на Клиниката за онкологија, дека сè што е побарано од нив од МВР и од обвинителството им е дадено, но за тоа кој е одговорен за криминалот таму одговори треба да даде обвинителството.
Меџити рече дека во периодот додека тој е министер состојбата на онкологија е променета. За биолошката терапија за пациентите сега не одлучуваат еден или двајца доктори, туку раководителите на сите 12 оддели на Клиниката еднаш неделно, а од тој момент директорката е изземена.
Клисаровска рече дека претходно имала информации за безбедноста на лековите по допрен глас, но дека тие не можеле да докажат. Таа вели дека веќе има една медицинска сестра што во мај добила отказ од работа бидејќи била фатена со украдена терапија, но не од таа терапија за која се зборува во јавноста.
Во тек се распити
Од ЈОРСМ во денешното соопштение тврдат дека во истрагата имаат помош и соработка со раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал.
„Соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица што имаат сознанија за противправни дејства. Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица што ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање сторители на кривични дела, презема и други дејства што во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста, соопштија од ЈОРСМ.
Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на ТВ21 изјави дека во моментов не може да се зборува за конкретни информации. „Конкретно за информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се урива еден дел од доказната постапка, пред сѐ во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и засега тоа е она што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени“, истакна министерот Спасовски.
Тој нагласи дека сите инволвирани ќе одговараат, без никаква толеранција кон нив. „Ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од кого било да е направен, нема да има никаква толеранција“.
Ковачевски: Случајот да не се политизира
Премиерот Димитар Ковачевски во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање цитостатици денеска изјави дека пардон нема да има за никого и побара случајот да не се политизира, бидејќи, како што кажа, станува збор за мултипартиски и мултиетнички криминал. Правото на протест на граѓаните е добредојдено, според него, бидејќи врши дополнителен притисок да се реши случајот.
„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ, тој што се огрешил има да одговара“, потенцираше премиерот. „Овде станува збор за мултипартиски, мултиетнички криминал, кој мора да се расчисти. Граѓаните очекуваат расчистување на ова и нема да има никаков пардон“.
Тој повика да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи, како што кажа, нашето здравство има професионални и прекрасни доктори што се грижат за нашето здравје. Во однос на раководствата и на Министерството и на Клиниката за онкологија, рече дека станува збор за нови раководства.
„Новата директорка на Клиниката за онкологија е поставена во времето на мојот мандат и комплетно соработува со истрагата заедно со нејзините колеги. Истото тоа се однесува и на министерот за здравство и на неговата заменичка. Политизирањето на случајот ќе значи на некој начин само прикривање на некого и затоа повикувам да не се политизира и институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато. Доста беше, кажав и предмалку, 30 години граѓаните да бараат борба со криминалот и корупцијата“, рече премиерот Ковачевски.
Граѓански протести
Граѓаните ќе протестираат во Скопје поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија, кои со месеци во животозагрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Станува збор за организиран криминал, во кој се инволвирани највисоки функционери на власта и кој трае со години“, пишува во објавата на Фејсбук и во соопштението испратено до медиуми.
Како што додаваат организаторите на протестот, се бара одговорност од некогашните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали, актуелниот министер Фатмир Меџити, од замениците Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и од актуелната, Рената Младеновска, како и од поранешниот организациски директор на Клиниката, Нехат Нухи.
„Фокус“ објави серија написи на оваа тема. На Онколошката клиника од 2019 година наваму била воведена скапа биолошка терапија, во која само една ампула чини од 2.000 до 4.000 евра. Еден од лековите е „пембролизумаб“ (pembrolizumab), имунотерапија, која работи на подигнување на имунолошкиот систем, ампула што чини 3.600 евра, а се користи за лекување на 16 вида рак, меѓу кои и тие што сè уште се во рана фаза.
На листата скапи лекови се наоѓаат и „палбоцицлиб“ (palbociclib), таблети што се користат за лекување понапредни фази на рак на дојка, а чинат 4.000 евра по кутија. Тука е и лекот „вемурафениб“ (vemurafenib), кој претставува инхибитор, кој се користи за лекување на напредната фаза на малиген меланом. Овој лек чини 3.600 евра.
Исто така, на оваа листа може да се најде и „кобиметиниб“ (cobimetinib), лек што цели на протеините во клетките на ракот и го спречува растот на клетките. Цената на овој имунолошки лек е над 3.000 евра. На истата листа може да се најдат и ампулите „атезолизумаб“ (atezolizumab), од кои само една чини 3.200 евра.
Сепак, еден од најкористените лекови е „херцептин“ (herceptin), тоа е лек за болните од карцином на дојка, кој чини 2.000 евра. Овој лек се дава во форма на инекција на 21 ден. Повеќето од пациентите примаат од 15 до 18 терапии, што значи дека се прима во период од повеќе од една година, по завршувањето на хемотерапијата и зрачењето.
Со воведувањето на оваа терапија, бизнисот на клиниката, како што пишува медиумот, почнал уште толку да цвета, а во целата шема било вклучено цело злосторничко здружение. Според нивните наводи, дел од овие лекови, наместо кај пациентите на кои им биле давани мешавини од физиолошки раствор,завршувал на црниот пазар на Косово.
Текстот е ажуриран со фотографија од протестот