Ги искористивме податоците од терминалот на „Блумберг“ до кои имаме пристап за да видиме какви се очекувањата за движењето на цените на културите што се најзасегнати од климатските промени и зголемениот недостиг од вода во светот. Таа е една од петте вести што треба да ги прочитате ова утро.
Македонија е под висок воден стрес: Кои култури се најзагрозени
Недостигот од вода е главна причина за проблемите на оризопроизводителите, кои секоја година во истиот период бараат поддршка од државата. Климатските промени, долгите сушни периоди, честите драстични промени на температурата не се ризик само за оризот туку и за другите земјоделски култури во земјава.
Под голем ризик е и маслиновото масло. Поради високите температури во регионот на Средоземно Море приносите на маслинки се намалуваат, а цената на маслиновото масло е на рекордно ниво. Светскиот економски форум во првите три најзагрозени култури ја рангира и сојата.
Инаку, Македонија влегува во подрачјата што се под т.н. висок воден стрес.
Милионски договори за терапијата во мај, известувања за огласите сега
Известувања за дваесетина договори за набавка на биолошка терапија за Клиниката за радиотерапија и онкологија дури деновиве биле испратени до Бирото за јавни набавки иако сите се склучени во мај годинава. Оваа клиника е во центарот на вниманието, но и на обвинителска истрага откако излегоа медиумски написи за наводен криминал и тргување со набавената скапа биолошка терапија.
На Бирото за јавни набавки деновиве осамнуваат објавени огласи за набавка на оваа биолошка терапија, сите од реализираниот тендер оваа година, но во пролетните месеци. Доставувачи или избрани компании се повеќе, договорите се склучени на 8 мај, а вкупната вредност надминува 19,5 милиони евра.
Германија го губи статусот на автомобилска велесила
Германија е во опасност да го загуби долгогодишниот статус на светска суперсила во автомобилската индустрија, предупреди Хилдегард Милер, претседателка на Германското здружение за автомобилска индустрија (ВДА).
Милер истакнала за ДПА дека иако германските производители на автомобили можеби ќе можат да опстанат без сериозни реформи, Германија ќе плати висока цена во смисла на губење на статусот на центар на автомобилската индустрија.
А Македонија е значајно поврзана со германската економија, најмногу со автомобилската индустрија.
Словенија издаде обврзница индексирана за инфлација, се најавуваше и овде
Словенија вчера ја издаде својата прва обврзница индексирана на инфлација во износ од 100 милиони евра и со реален купон од 0,825 отсто, која треба да достаса во 2034 година, соопшти словенечкото министерство за финансии.
Ваков вид инструменти за Македонија најавуваше актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими уште во 2021 година и тие се дел од планот за економски развој.
Во меѓувреме во нашата земја беа издадени граѓански обврзници, а граѓаните купија вакви хартии од вредност за 23,5 милиони евра.
Ќе се отвора академија за џентлмени: Мажите ќе се обучуваат да бидат господа
Најновиот предизвик на „Сињори“, инаку македонски бренд што постојано се обидува да понуди нешто различно и иновативно на пазарот, е Академија за џентлмени.
Првата академија за господа кај нас треба да понуди структурирани работилници, семинари и часови за различни аспекти на префинетост, бонтон, лидерство и личен развој. Планирано е да се обучуваат поединци што отелотворуваат префинетост, вкус и чувство за стил, како што вели еден од сопствениците Ненад Пантовиќ, усогласувајќи се со идеалите на модерниот господин.
Проектот е во завршна фаза, но сè уште е рано да се зборува за начинот на пријавување, како и за евентуалната партиципација на идните студенти.