Додека Македонија со години чека да се јави јунак што ќе го скрши мразот со излегување на берзата, на пазарите на капиталот во Истанбул и во Букурешт од почетокот на годинава има големи раздвижувања, односно зачестени иницијални јавни понуди на акции (IPO) и нови котации на кои можат да им завидуваат многу поголеми берзи во Европа и во светот, бидејќи нивната вредност ја надминува границата од милијарда евра.
Добро утро, ова се петте најважни вести за почеток на денот
Ни треба ли романски рецепт за заживување на Македонската берза?
Од почетокот на годинава на берзата во Истанбул триесет компании продале акции преку иницијална јавна понуда, при што собрале капитал од 1,9 милијарда евра, што е многу повеќе отколку на берзите во Лондон, Милано и Франкфурт. Романија е уште една земја од поширокото соседство на Македонија што се најде на листата од десет земји во светот со најголеми продажби преку ИПО во првата половина од 2023 година.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, вели дека дежурната тема за ИПО е генерално голем предизвик за сите помали регионални берзи.
„Во регионот нема конзистентен образец акционерските друштва периодично да излегуваат на берза. Оттука, креирање опкружување во кое одредени компании повремено ќе решат да излезат на јавниот берзански пазар (да направат т.н. going public) е стратегиска цел за берзите, но за да се случи тоа сепак е примарна одлуката на моменталните сопственици на компаниите чии акции би се понудиле на пазарот“, вели Штериев.
Одлични резултати: Средствата на ОФИ во Македонија достигнаа 3,2 милијарди евра
Вкупните средства на другите финансиски институции (ОФИ), во вториот квартал на 2023 година изнесуваат 196,8 милијарди денари (3,2 милијарди евра) денари и се зголемени за 8,9 милијарди денари (145 милиони евра), на квартално ниво, покажуваат податоците на Народната банка. Другите финансиски институции учествуваат со 19,3 проценти во средствата на финансиските институции.
„Во вториот квартал на годината, вкупните средства на другите финансиски институции (ОФИ) остварија квартален раст од 4,8 проценти, главно под влијание на повисоките средства на пензиските фондови, при помал позитивен придонес и на другите потсектори, со исклучок на друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови, кои забележаа пад на средствата“, соопшти Народната банка.
По првата дефлација во Србија, притисок врз цените од повисоките акцизи
Цената на горивата во Србија речиси сигурно ќе се зголеми од 1 октомври, не поради притисокот предизвикан од движењата на светските енергетски пазари, туку поради зголемувањето на акцизата за осум отсто. Предлог-законот со кој се дефинира ова зголемување, Владата на Србија го усвои во услови на тензии меѓу државата, која повеќе од година и пол ја ограничува цената на горивата, и производителите на нафта, кои бараат пазарот да ја одредува цената.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за акцизи Владата го усвои во саботата, на 2 септември, а со него, покрај на нафтените деривати, се предложи зголемување на акцизите и за тутунските производи, алкохолните пијалаци, кафето и течностите за полнење електронски цигари. Законот ќе се применува од 1 октомври 2023 година, со тоа што некои од одредбите ќе се применуваат подоцна.
Голем дел украински бегалци можеби нема да се вратат дома по војната
Дури 3,3 милиони Украинци, или речиси oсум отсто од предвоеното население на земјата, можеби нема да се вратат дома откако избегаа од руската инвазија, покажува последното истражување.
Колку подолго трае војната, толку повеќе Украинци што избегале од конфликтот - дури 6,7 милиони, според истражувањето - веројатно ќе ги направат привремените засолништа свој нов дом. Украинките, кои го сочинуваат мнозинството баратели на азил, сè повеќе ќе бараат подобри изгледи за своите деца, се наведува во студијата.
„Луѓето што ја напуштиле воената зона можеби немаат каде да се вратат“, се истакнува во студијата. „Затоа, нивното враќање ќе зависи од тоа колку брзо ќе се обноват нивните региони или дали ќе добијат поддршка да се преселат во други региони на Украина“.
Приватен авион што по 15 години е најпопуларен во Америка
„Ембраер феном 300“ (Embraer Phenom 300) ја презеде титулата на најкористен приватен авион во САД, соборувајќи ја водечката позиција на „цесна сајтејшн ексел“ (Cessna Citation Excel), која ја држеше 15 години. „Феном 300“, млазен авион со средна големина што собира до девет патници, направи повеќе од 360.000 полетувања и слетувања на американските аеродроми во текот на последните 12 месеци до август. Тоа е околу 1.400 повеќе полетувања и слетувања во однос на семејството на авиони „цесна сајтејшн ексел“. „Ексел“ беше најкористениот приватен млазен авион околу 15 години, според месечниот извештај на Федералната управа за авијација за операциите на деловните млазни авиони.
„’Феном’ стана омилен меѓу понудувачите на чартер-летови, кои го користат многу повеќе од просечните оператори на авиони“, изјави Фоли. Постои „перцепција дека е наменет за честа употреба поради долгогодишното наследство на ’ембраер’ како производител на патнички авиони“.