Два настана го обележија викендот што измина - разорниот земјотрес во Мароко и самитот на Г20 во Индија.
Во земјотресот загинаа над 2.000 луѓе, уште поголем е бројот на повредени, а се трага и по преживеани. Настрадаа и многу објекти што се дел од културното наследство на регионот.
За време на самитот на Г20, лидерите успеаја да го усогласат текстот на соопштението на јазик од кој и Москва е задоволна.
Добро утро, ова се другите вести што се важни за почеток на оваа недела.
ББА-анализа: Македонија и регионот ќе избегнат рецесија
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа за макроекономските движења ги потврдува бројките за раст на БДП за сите земји од регионот Адриjа што ги предвиде во претходниот извештај, укажувајќи дека зад него стои силната потрошувачка, која го неутрализира влошениот амбиент кај странската побарувачка.
„Сепак, иако земјите од регионот Адрија преку трговијата се силно поврзани со моќниот центар на ЕУ (Германија), тие сè уште имаат рекордно ниски стапки на невработеност, а во исто време растат вработеноста, платите и инвестициите. Накратко, рецесија во странство не значи рецесија на локално ниво“, велат аналитичарите.
ЕУ и САД подготвуваат нови царини за увоз на челик од Кина
САД и ЕУ работат на договор со кој ќе се воведат нови царини насочени кон вишокот производство на челик од Кина и други земји и ќе се реши трговскиот конфликт од времето на Трамп.
Надоместоците првенствено ќе бидат насочени кон увозот од Кина, која има корист од антипазарните практики, изјавија изворите за „Блумберг“, кои инсистираат да останат анонимни. Сè уште се разговара за опсегот на мерките, вклучувајќи и други земји што би можеле да бидат засегнати, како и за нивото на самите царини. Новата регулатива исто така се очекува да обезбеди рамка за другите земји што сакаат да станат дел од договорот.
Бирократијата е најголем кочничар на зелената транзиција
Ограничувањата во електроенергетските мрежи, сè уште високите трошоци на зелената технологија и доцнењето во планирањето на проектите ги кочат инвестициите, кои би биле во вредност од 18 трилиони американски долари на глобално ниво, за да се исполнат климатските цели поставени до 2030 година.
Сето тоа ја прави брзата енергетска транзиција многу малку веројатна.
Со цел да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степен над прединдустриските нивоа, развојот на обновливите извори на енергија и електроцентралите со ниска содржина на јаглерод би требало да биде трипати побрз од претходно, се наведува во извештајот подготвен од Бостонската консалтинг-група (БКГ).
Екстремно топлото време е закана за глобалната енергетска стабилност
Високите температури од Тексас до Токио ова лето се последниот потсетник за растечката главоболка за енергетскиот систем, бидејќи екстремната топлина ги загрозува резервите на енергенти.
Покрај тоа што предизвикуваат раст во побарувачката на електрична енергија додека луѓето ги вклучуваат климатизерите, високите температури доведоа до серија прекини во работата на рафинериите за нафта. Тоа помогна да се одржат високите цени на бензинот во САД, а зголемувањето на цената на дизелот малку го надмина зголемувањето на цените на суровата нафта. Ова лето беше особено напорно: јули беше најтоплиот месец во светот, по најтоплиот јуни.
Цените на дијамантите се во слободен пад на клучен дел од пазарот
Еден од најпопуларните видови на необработени дијаманти во светот има слободен пад на цената, бидејќи сè повеќе Американци, наместо тоа, избираат свршенички прстени направени од лабораториски дијаманти.
Целокупната побарувачка за дијаманти е ослабена од пандемијата, бидејќи потрошувачите избираат да трошат на патувања и искуства, додека економските проблеми го ограничуваат трошењето на луксуз. Сепак, дијамантите што се поставени во поевтини свршенички прстени од еден или два карата, популарни во САД, забележаа многу поостар пад на цените од остатокот на пазарот.