Годишната инфлација во еврозоната забави малку, на 5,2 отсто во август, објави „Евростат“. Прелиминарната процена беше 5,3 отсто, колку што беше годишната инфлација во јули. Во јуни стапката на инфлација изнесуваше 5,5 отсто. На ниво на цела Европска Унија годишната инфлација во август изнесува 5,9 отсто, што е пад во однос на јулските 6,1 отсто. Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот од денот.
Производи со гарантирани цени до ноември
Од денеска, па до 30 ноември годинава, 25 категории на производи, односно стотици прехранбени производи, ќе имаат за најмалку 10 отсто пониски цени отколку што имале на 1 август годинава.
Тоа го овозможува Одлуката за определување на највисоките цени во трговијата на мало што на вчерашната седница ја донесе Владата, а за овие производи трговците ќе имаат обврска да ги обележат со натписот „гарантирана цена“.
Листата во наредниот период најверојатно ќе се проширува, а со моменталната листа целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто.
Усвоен данокот на солидарност, Комората ќе го оспори на Уставен
За Стопанска комора, носењето на Законот за данок на солидарност не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи, соопштија оттаму. Велат дека законот ќе го оспорат на Уставен суд, а нивната реакција следува откако Собранието го усвои законот на вчерашната седница.
Од Стопанската комора велат дека на овој начин се дестимулираат успешните компании, кои се инвестициски ориентирани. „Ваков данок, кој се носи ад хок, го нарушува начелото на почитување на правото и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок“, велат оттаму.
Анализа на ББА: Фед ќе ја задржи каматата на исто ниво
Федералните резерви на САД (Фед) на денешната седница ќе ја задржат каматната стапка во опсег од 5,25 до 5,5 отсто, очекува аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Иако американската економија досега покажа стабилност и отпор кон растот на каматните стапки, гледаме дека монетарното затегнување сè уште дејствува, но со одредено задоцнување. Имено, последните податоци за постепеното заладување на пазарот на трудот одат во прилог на запирањето на растот на каматните стапки, што може да се види од последното читање на нивото на невработеност, кое е над очекувањата.
Еуриборот надмина четири отсто - колку поскапуваат нашите кредити?
Од четвртокот кога Европската централна банка одлучи уште еднаш, најверојатно последен пат, да ја зголеми каматната стапка за 0,25 процентни поени, шестмесечниот Еурибор надмина четири отсто. Еурибор е каматната стапка по која банките една на друга си позјамуваат пари. Тоа е најважната реферeнтна каматна стапка на европскиот пазар со пари која ја одредува цената и каматите на речиси сите видови финансиски производи.
Трендот на раст на шесетмесечниот Еуроибор почна со растот на инфлацијата поттикнат од енергетската криза и војната во Украина. За нешто повеќе од една година, по агресивната кампања на ЕЦБ за зголемување на каматите, Еуриборот надмина четири отсто, а на ова ниво полседен пат бил на крајот на март 2007 година.
Недостигот на дизел може да ја влоши инфлацијата
Светските рафинерии не можат да произведат доволно дизел, што отвора можен нов простор за инфлациски притисоци бидејќи економиите се соочуваат со проблеми со горивото што го напојува индустрискиот и транспортниот сектор.
Неодамнешното зголемување на цената на нафтата кон 95 долари за барел изгледа бледо во однос на поскапувањето на дизелот. Во САД минатата недела цената скокна на 140 долари, што е највисоко ниво во овој период од годината. Во Европа последниве недели цената се зголеми за 60 отсто...