Астронаутите на претстојната мисија на НАСА ќе се упатат кон Месечината со стил, дотерани во скафандери од „Прада“ (Prada).
Италијанската модна етикета ќе соработува со „Аксиом спејс“ (Axiom Space) на следната генерација вселенски костуми што ќе се користат за мисијата „Артемида III“ (Artemis III) на НАСА планирана за 2025 година.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Ефекти од скапата храна: Трошиме, јадеме, фрламе помалку
Инфлацијата нѐ научи дека сe може и со помалку. Според статистичките податоци за трговијата на мало, која вклучува трговија со храна, пијалаци и тутун, лани и покрај номиналниот раст од над 15 отсто, реално е забележан пад од над пет отсто.
Трендот не само што продолжил во текот на оваа година, туку и се засилил. Поради високите цени во август годинава номинално трговијата на мало се намалила за 4,7 отсто. Реално падот изнесувал близу 13 отсто.
Дизелот поскап од бензините
Бензинот еуросупер БС-95 да поевтини за 2,5 денари по литар, еуросуперот БС-98 да поевтини за три денари, а да нема промени на цените на еуродизелот (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика.
Врз основа на оваа одлука, од синоќа на полноќ литар еуросупер БС-95 се продава по цена од 83,50 денари, а 85,5 денари чини еуросуперот БС-98. Цената на еуродизелот (Д-Е V) останува 86 денари за литар, со што ова гориво стана поскапо од бензините.
Олабавување на монетарната политика
Повеќето централни банки веќе најавија некаков хоризонт, некоја граница кога каматното затегнување ќе застане, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Бојан Цветановски, претседател на „АЦИ Македонија“.
„Мое мислење е дека и нашата економија и ЕЦБ се при крај на зголемување на каматните стапки. Евентуално може уште едно зголемување, меѓутоа тоа би било завршен потег на овој циклус“, вели Цветановски.
Тој додава и дека рецесивните закани укажуваат на тоа дека треба да се стопира зголемувањето на каматите во Европа.
Поранешна девојка на Банкмен-Фрид стана централна фигура во неговото судење
Керолин Елисон, поранешната извршна директорка на „Аламеда рисрч“ (Alameda Research) и некогашна девојка на Сем Банкмен-Фрид, брзо стана центар на вниманието во судењето за измама на основачот на FTX во Њујорк.
Обвинителите рекоа дека Банкмен-Фрид нејзе и на неговите најблиски пријатели им ја кажал вистината за преземање средства од клиентите, иако „го лажел светот“ за безбедноста на неговата криптоплатформа. Во меѓувреме, адвокатите на одбраната рекоа дека Банкмен-Фрид се потпирал на Елисон да ја води „Аламеда“, а кога побарал од неа да ја заштити фирмата поради несигурноста на пазарот минатата година, таа не го сторила тоа.
Воведните изјави ја навестија стратегијата што двете страни ќе ја користат за да ја поколебаат поротата во ова историско судење.
Германија зимава ќе активира затворени електроцентрали на јаглен
Германија зимава ќе активира неколку затворени фабрики за јаглен за да се осигури дека како најголема европска економија ќе може да ги вклучи светлата дури и кога побарувачката е на максимум.
Во средата владата донесе наредба да се дозволи повторно активирање на единиците што припаѓаат на РВЕ (RWE AG) и ЛЕАГ (LEAG), соопшти владината прес-служба.
Реактивирањето на електроцентралите на јаглен се очекува да ги зголеми емисиите на јаглерод диоксид додека земјата се бори да се приближи до своите климатски цели. Владата е во процес на изградба на дополнителна инфраструктура за течен природен гас (ЛНГ) за да го пополни недостигот од електрична енергија и планира да изгради нови гасни постројки, кои подоцна ќе можат да се пренаменат за водород.