Каматните стапки и идните политики на централните банки се во фокусот на дискусиите на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Мароко.
Можната пауза во зголемувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка е мудра одлука за шпанската министерка за економија. Но, според гувернерката на Фед, Мишел Бауман, рано е за крај на затегнувањето затоа што целта од два отсто инфлација е сè уште далеку. Истражувањата, пак, покажуваат дека инфлациските очекувања растат.
Добро утро, еве што треба да знаете за почетокот на денот.
Конечно Скопје директно поврзано со центрите во регионот Адрија
По подолг период, македонските граѓани имаат можност да избираат меѓу познатата бледска кремпита, сараевските ќебапи, уживање во загрепските кафулиња или прошетки по Калемегдан откако неодамна беа воведени авионски линии до Љубљана и до Сараево, со кои се комплетираше листата на главни градови од регионот Адрија што имаат директна авионска врска со Скопје, а на која веќе се наоѓаа Белград и Загреб.
Освен за туристички цели, директните авионски линии се олеснување за претставниците на деловната заедница, за студентите и за иселениците што досега од Скопје побрзо можеа да стигнат до Лондон отколку до Љубљана или до Сараево. Уште поважно е дека со навремено планирање на патувањата, летовите до центрите во регионот Адрија во некои случаи може да бидат поевтини отколку со преостанатите видови транспорт.
Каматните стапки во САД можеби ќе треба и натаму да растат
Гувернерката на Федералните резерви, Мишел Бауман, рече дека каматните стапки можеби ќе треба дополнително да се зголемат и да се одржат повисоки отколку што претходно се очекуваше за да ја доведат инфлацијата до целта на централната банка.
Иако неодамна имаше подобрувања, „инфлацијата останува далеку над целта од два процента. Домашната потрошувачка продолжува да расте со силно темпо, а пазарот на трудот останува тесен“, рече Бауман на настан во Маракеш, Мароко, на маргините на годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. „Тоа сугерира дека каматната стапка можеби ќе треба дополнително да се зголеми и да остане рестриктивна за да се врати инфлацијата до целта“.
Помина еуфоријата - забавува продажбата на луксузни производи
Акциите на ЛВМХ паднаа откако најголемата светска групација за луксуз објави помал раст на продажбата во третиот квартал - дополнителен доказ дека постпандемскиот бум на производите од високата класа ја губи пареата.
Органските приходи на клучната единица за мода и кожени производи на француската групација, која ги вклучува брендовите „Луј Витон“ и „Кристијан Диор“, се зголемија за девет отсто, објави компанијата во вторникот, што е под очекувањата на аналитичарите и половина од темпото од првите шест месеци од годината. Продажбата во единицата за вина и алкохолни пијалаци падна за 14 отсто, што е многу полошо од процените.
Лековите за слабеење на „Ново Нордиск“ се добри и за бубрезите
Данскиот фармацевтски гигант „Ново Нордиск“ соопшти дека неговиот лек за дијабетес „оземпик“ во студијата за бубрежна инсуфициенција покажал изненадувачка рана ефикасност, со што акциите на најголемиот светски снабдувач со услуги за дијализа „Фресениус медикал“ (Fresenius Medical Care AG & Co.) паднаа.
Независен комитет за следење на податоците препорача запирање на студијата откако утврди дека привремената анализа веќе ги исполнила однапред поставените критериуми за ефикасност, објави „Ново“ доцна во вторникот. Данскиот производител на лекови ќе ги добие целосните резултати од студијата откако ќе го заврши процесот на затворање, кој се очекува во првата половина на 2024 година.
И Средоземно Море беше претопло летово
Јули беше најтоплиот месец забележан во најмалку четири децении во Средоземно Море бидејќи просечната дневна температура достигна невидени 28,1 Целзиусови степени во средината на јули, според кварталниот извештај на шпанските истражувачи.
Глобалните температури на морската површина во јуни, јули и август биле 1,5 Целзиусов степен над просекот од 1982 до 2023 година, според научниците од ЦЕАМ, центар за истражување на животната средина во Валенсија, Шпанија. Делови од Медитеранот беа три Целзиусови степени над историскиот просек на крајот на јули.