По подолг период, македонските граѓани имаат можност да избираат меѓу познатата бледска кремпита, сараевските ќебапи, уживање во загребските кафулиња или прошетки по Калемегдан откако неодамна беа воведени авионски линии до Љубљана и Сараево, со кои се коплетираше листата на главни градови од регионот Адрија кои имаат директна авионска врска со Скопје, а на која веќе се наоѓаа Белград и Загреб.
Освен за туристички цели, директните авионски линии се олеснување за претставниците на деловната заедница, за студентите и за иселениците кои досега од Скопје побрзо можеа да стигнат до Лондон отколку до Љубљана или Сараево. Уште поважно е дека со навремено планирање на патувањата, летовите до центрите во регионот Адрија во некои случаи може да бидат поевтини отколку со останатите видови транспорт.
Голем интерес
Прочитај повеќе
Договор со „Луфтханза“ и „Визер“ за субвенции на пет нови авиолинии
Германската авиокомпанија ќе воведе една нова авиолинија, а „Визер“ четири.
13.04.2023
Стартуваа летовите на новата авиолинија Скопје - Сараево
Од Меѓународниот аеродром Скопје, на 2 октомври, заминаа првите патници на новата авиолинија Скопје – Сараево.
03.10.2023
„ТАВ“ со забава ги испрати првите патници на летот Скопје-Љубљана
Многу деловни патници, студенти и македонски иселеници често патуваат меѓу двата града
28.09.2023
На 27 септември, годинава „ТАВ“ на Меѓународниот аеродром Скопје го означи стартот на новата редовна линија Скопје-Љубљана на „Виз ер“ (Wizz Air).
„За оваа авиолинија имаше голема побарувачка, со оглед на тоа што има многу деловни патници, студенти и македонски иселеници кои често патуваат меѓу двата града, а речиси четири години, од 2019 година досега, немаше директна авиоврска меѓу Скопје и Љубљана.“, изјави тогаш Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
За потребата од воведување на оваа авиолинија претходно укажаа и македонските и словенечките стопанственици. На бизнис-форум што во организација на Друштвото на словенечки и македонски компании во декември се одржа во Скопје беше истакнато дека сè поголемата трговска соработка меѓу Македонија и Словенија ја прави нужна потребата за повторно воспоставување на оваа авиолинија.
„Виз ер“ сега лета на релација Скопје-Љубљана-Скопје два пати неделно, секоја среда и недела, нудејќи им на патниците удобен распоред што одговара и на деловните и на рекреативните патници. Авиобилетите се во продажба по цени кои почнуваат од 1.539 денари.
На 2 октомври од Меѓународниот аеродром Скопје заминаа првите патници на новата авиолинија Скопје - Сараево, воведена од страна на „Ејџиан ерлајнс“ (Aegean Airlines).
Роланд Јаги, главниот комерцијален директор на „Ејџиан“, рече дека компанијата сака да ја зголеми поврзаноста и да го прошири присуството на балканските простори.
„Со нашите висококвалитетни услуги сакаме да ја промовираме меѓудржавната мобилност, да го промовираме туризмот и да ги зајакнеме трговските односи, не само меѓу двете земји туку и со Грција“, нагласи тој.
Алан Бајиќ, директор на Меѓународниот аеродром Сараево, посочи дека воведувањето на оваа авиолинија е резултат на заедничката и успешна соработка меѓу двата аеродрома и грчката авиокомпанија.
„Возбудени сме што „Ејџиан“ ги препозна важноста и потенцијалот за воспоставување на оваа линија како одлично подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина“, истакна Бајиќ.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопје до Сараево секој понеделник, среда и петок.
„Ер Србија“ и „Кроација ерлајнс“ одамна овозможуваат директни авински врски меѓу Скопје и Белград односно Загреб, што се покажа многу корисно за патниците од трите држави, меѓудругото и поради тоа што на тој начин се зголемува изборот на летови до други дестинации.
Потребно е поголемо вмрежување
Директорот на македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски неодамна на регионалната конференција за туризам во Требиње ја истакна важноста од авионското поврзување за развој на туризмот.
„Како никогаш до сега туристичкиот сектор им е потребен на државните економии и неговото значење и моќ ќе бидат видливи во наредните години уште повеќе, фокусирајќи се на целите за 2025 година во која треба да се надминат 3,7 милиони ноќевања и повеќе од 600 милиони долари туристички промет во македонската економија“, рече Јаневски.
Тој додаде дека за да се продолжи во ист ритам потребно е релевантните институции на државно ниво да имаат поголем фокус на туристичката индустрија овозможувајки поголеми буџети и вмрежуваање во регионот, бидејки за далечните дестинации Балканот како регион е една туристичка дестинација.
„Со новото авионско поврзување Скопје-Сараево бројот на туристите од БиХ се очекува да се зголеми и да ги надмине резултатите од 2019 година што ќе помогне во достигнување на зацртаните цели во македонскиот туристички сектор за 2023 година“, соопшти Јаневски.