Пазарот за инвестициски фондови за животна средина е релативно мал во САД во споредба со Европа, па дури и со Кина.
Податоците покажуваат дека до крајот на јуни годинава во такви фондови во САД влегле 32 милијарди долари, додека во Европа таа бројка изнесува 447 милијарди долари, а во Кина 44 милијарди долари, соопшти американската компанија за финансиски услуги „Морнингстар“ (Morningstar).
„Глобалната слика покажува дека САД очигледно заостануваат зад најголемите пазари“, вели Хортенс Биој, директор за истражување на одржливоста во „Морнингстар“.
Во моментов само шест отсто од вкупните средства во САД се чуваат од фондови поврзани со климатските прашања. Голема причина за тоа е што најголемиот дел од парите во таа област оди за компании што инвестираат во соларна и ветерна енергија, а дел од берзата во САД е придушен во последните две години со зголемувањето на каматните стапки, според Биој.
Спротивно на тоа, европските фондови брзо најдоа инвеститори, особено оние што го концентрираат својот удел во компании што ја земаат предвид климатската криза во своите деловни стратегии и подобро се подготвуваат за транзиција кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод.
Во исто време регулативата одигра важна улога во ширењето на еколошките фондови во Европа откако пред две години беа поставени конкретни цели во согласност со оние од Парискиот договор за климата.
Одредниците треба да го земат предвид ублажувањето на климатскиот ризик и да овозможат инвестициски опции со поставување годишна цел за декарбонизација од најмалку седум проценти.
Што се однесува на Кина, нејзината заложба за максимални емисии на јаглерод до 2030 година и потоа постигнување јаглеродна неутралност до 2060 година, една деценија подоцна отколку што има планира да постигне Европската Унија, го зголеми интересот за средства. Врз основа на таквите цели имаше голем број фискални стимулации во Кина на провинциско и општинско ниво, вклучувајќи и парични награди за компаниите што ги исполнуваат целите за намалување на емисиите на јаглерод и субвенции за истражувачки и развојни проекти што придонесуваат за енергетска ефикасност, истакнуваат од „Морнингстар“.
Кинеските компании исто така имаат корист од доминацијата на синџирот на снабдување на земјата во секторот за обновливи извори на енергија, како во инфраструктурата, така и во материјалите, кои вклучуваат соларни панели, турбини на ветер и батерии за електрични возила.
„Заклучокот е дека САД имаат уште многу работа за да се затвори јазот“, забележува Биој.
Според „Морнингстар“, има повеќе од 1.200 фонда посветени на климатските прашања, а во 2018 година имало помалку од 200. Од сегашниот број, околу 870 се во Европа, 223 во Кина и 117 во САД.
Постојат пет типа такви фондови: посветени на климатската транзиција, кои се особено популарни во Европа, потоа на намалување на емисиите на јаглерод, зелени обврзници, за климатски решенија и фондови за чиста енергија или технологија.
Фондовите за климатска транзиција се најбрзорастечкиот дел на овој пазар.
Во период од 18 месеци, до крајот на јуни годинава, во САД во фондовите за климатска транзиција отишле околу 5,8 милијарди долари.
Американските инвеститори стоеја зад европските во препознавањето на енергетската транзиција на дело, но се чини дека конечно се будат.