Израел ја почна „втората фаза“ во војната против Хамас, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху предупреди дека копнената инвазија на Појасот Газа ќе биде „долга и тешка“ со што се зголемуваат ризиците од поширок конфликт на Блискиот Исток. Тензиите во овој регион веќе се чувствуваат на меѓународните пазари главно преку нестабилноста на цената на нафтата. Разговорување на конфликтот може да предизвика поголема економска криза.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
ББА анализа: Банкарски депозити од 1,2 милијарди евра треба да завршат на Македонската берза
Ликвидноста на пазарот е една од причините за ограничување на перформансите на берзите. Регионалните пазари се помалку ликвидни во споредба со многу други пазари во поширокиот регион на Источна Европа, а да не зборуваме за најголемите пазари на глобално ниво, укажуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа објавена на „Блумберг Адрија Инсајт“.
Аналитичарите проценуваат дека има простор за реалокација на депозити кон пазарот на капитал при што би се запазиле регулаторните стапки на ликвидност на нивоа доволно високи за да не ѝ наштетат на стабилноста на финансискиот систем и тоа од 7,5 милијарди евра во Хрватска, пет милијарди евра во Словенија, 1,3 милијарди евра во БиХ и 1,2 милијарди евра во Македонија.
Како да станете нинџа на вашите финансии
Што треба да знаеме за управувањето со личните финансии за да не станеме робови на парите? Финансиската писменост е доживотна вештина. Веќе неколку години како изборен предмет се изучува само во хрватските училишта, но сè уште не и во другите земји од Јадранскиот Регион. А треба!
Кризи, војни, неизбежно висока инфлација, зголемување на каматните стапки, сè поразновидни финансиски производи од кои треба да избираме секој ден. Во денешниот свет финансиската писменост станува сè поважна вештина. Без разлика дали сте млади или стари, средовечни или пензионирани, разбирањето на основите на финансиите е од суштинско значење за постигнување финансиска благосостојба и сигурност. Но, што всушност значи да се биде финансиски писмен и како можете да ја постигнете таа важна компетентност?
Се очекува нестабилност на пазарите на нафта и гас по инвазијата на Газа
Пазарите на нафта и гас се наоѓаат пред уште една нестабилна недела на тргување откако Израел ја започна долгоочекуваната копнена инвазија на Газа. Најголем ризик за цените на суровата нафта по инвазијата останува секоја ескалација кон другите регионални сили. Блискиот Исток испорачува околу една третина од светската нафта, а Иран, кој го поддржува Хамас и другите регионални милитантни групи, во текот на викендот соопшти дека инвазијата „може да ги принуди сите да преземат акција“.
Во тргувањето со суровата нафта во петокот кога Израел ги засили копнените операции, Вест Тексас (West Texas Intermediate) се зголеми за дури 3,2 проценти и достигна над 85 долари за барел. Сепак, тоа останува под највисоката точка од избувнувањето на конфликтот - нешто над 90 долари - бидејќи досега немаше вистинско влијание врз глобалните резерви.
Седум трикови за да добиете подобро хотелско сместување
Во повеќе градови, вклучително и Лондон и Њујорк, стана нормално новите хотели да наплаќаат почетни цени кои надминуваат 1.000 долари по ноќевање - а апартманите честопати чинат најмалку двојно повеќе. Ова ја прави бесплатната надградба на хотелското сместување една од највредните и најпосакуваните поволности за патување на денешницата.
Иако можете да направите одредени работи за да ги максимизирате шансите за надградба, може само да се надевате на бесплатна пропусница до пентхаус-апартманот бидејќи тоа нема да вроди со плод - освен ако не сте коцкар од висок ранг во казино во жариштето на Лас Вегас. Во хотелите со малку апартмани, надградбата може да значи подобар поглед или соба на повисок кат. Во други, подобрите категории соби може да значат добивање на неколку квадратни метри плус или дополнителни спални соби.
Владата ќе основа Агенција за шуми
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство подготвува закон за основање на Агенција за шуми. Во најавата за подготовката на новата регулатива објавена на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) се вели дека изработката на нов закон за основање на Агенција за шуми произлегува од потребата за создавање ефективен систем за мултифункционално стопанисување со шумите.
Истовремено се подготвува нов закон за шумите. Во образложението се вели дека со новиот закон ќе се обезбеди суштинско и реално уважување на природното богатство - шумите, врз кои природно интерес имаат државата, сопствениците на приватни шуми и граѓаните.