Невидениот сообраќаен метеж во Панамскиот канал може да резултира со одложувања и во Суецкиот канал, што може да влијае на пратките на течен природен гас (ЛНГ), изјави висок функционер на грчкиот бродски гигант „Ангеликусис Груп“.
„Суец ќе мора да преземе многу повеќе бродови како резултат на кризата во Панамскиот канал. Тоа значи дека времето на чекање на двете страни ќе се зголеми“, рече заменик-извршниот директор на компанијата Свеинунг Штоле.
Недостигот на дожд го пресуши главното езеро во Панамскиот канал, отежнувајќи го транспортот на една од најважните светски бродски рути. Доцнењата таму веќе ја нарушија светската трговија, принудувајќи некои бродови да го преземат долгото патување низ Јужна Америка.
Суецкиот канал е алтернативна рута за бродови кои патуваат меѓу САД и Азија и доста добро се справува со застојот во последниве години, но тоа е нешто што треба да се има на ум како потенцијален проблем, вели Штохле.
Суец има поголем капацитет од Панамскиот канал и низ него можат да поминуваат повеќе бродови дневно.
„Ангеликусис Груп“, компанија која постои од 1947 година, транспортира, меѓу другото, нафта и гас. Тоа е најголемата грчка бродска компанија.
Само четири или пет бродови со ЛНГ минуваат низ Панамскиот канал во текот на месецот. Претходно, просекот беше еден на ден.
Доколку таквата ситуација опстојува долго време, може да има проблеми со бродовите бидејќи побарувачката за ЛНГ се зголемува. Според Штохле, потребни се два брода за пренос на еден милион тони ЛНГ од САД во Кина.
„Ако не можете да поминете низ Панамскиот канал, треба да додадете уште еден брод за иста сума. Од каде ги добивате тие бродови? Тоа ќе биде предизвик“, изјави претставник на грчката бродска компанија.
Европа особено стана зависна од ЛНГ по кризата со Русија, а оваа исклучителна побарувачка може да трае уште неколку години. Сепак, долгорочната побарувачка и понатаму ќе биде поголема во Азија, што ќе бара повеќе бродови за долги патувања, според главниот извршен директор на грчката компанија, Марија Ангеликусис.
Точно е дека се градат нови бродови, но голем дел од старите со парни турбини полека се отпишуваат.
„Во таа смисла, пазарот ќе биде избалансиран, ако не и малку напнат“, рече Ангеликусис.