Соединетите Американски Држави го ставија бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев на нивната црна листа. Тој се смета како генерално неподобен за влез во Америка, поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопштија од Стејт Департментот преку официјално соопштение.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“ стои во соопштението.
Во него се додава дека овој потег покажува дека „САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“.
„Со ова потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, прецизираат од Стејт департментот.
Како генерално неподобни за влез во САД на листата се ставени и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите две деца. Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од тогашниот премиер Зоран Заев.