Како што соопштија вчера од Основното јавно обвинителство Скопје, истражната постапка се води против пет лица, од кои четворица како соизвршители сториле две кривични дела грабнување и две убиства на свиреп начин, од кои едно на малолетно лице и едно од користољубие, додека петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување малолетно лице.
Осомничени за убиството на Вања и Панче, покрај Љупчо Палевски-Палчо, се и неговите сопартијци Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството вчера информира дека ги негирал дејствата. По 48-часовниот притвор, тие вчера беа спроведени во Основниот кривичен суд Скопје, каде што судија на претходна постапка по предлог на обвинителството одлучи да ја продолжи мерката притвор за 30 дена.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека на 22 ноември четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил „ситроен“ за тие да го искористат за грабнување малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близината на селото Рудник, каде што со учество на дејство на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го убиле со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.
На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување малолетно лице со намера да присилат член на неговото потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот „ситроен“.
Во врска со прашањето дали 14-годишната Вања била задушена или починала од прострелна рана, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера рече дека станува збор за прострелна рана. Додека, во врска со тоа дали е најден пиштолот со кој е пукано, тој кажа дека се најдени два пиштола во Скопје, кои треба да се вештачат за да се утврди дали е тоа оружјето со кое е убиено девојчето. Тој потврди и дека полицијата го има пронајдено мобилниот телефон на Вања.
Исто така, Спасовски рече дека треба да се утврдат и фактите дали осомничените се дел од некаква секта или не.
„Дека станува збор за малоумни, за монструми, за луѓе што не може да се наречат луѓе, тоа е факт“, подвлече Спасовски, кој на прашањето за други докази за вмешаност на таткото на Вања, освен сведочењата на притворените, рече дека ако има нови информации, докази или потврди, јавноста ќе биде информирана кога ќе дојде моментот.
Она што сега се очекува е екстрадиција на првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо, кој вчера беше уапсен во Турција. За него веќе е определена мерка притвор од 30 дена, одлуката за евентуално продолжување на мерката притвор на скопјанецот што му помогнал да пребегне во Турција и сите други новости ќе произлезат од истрагата на Јавното обвинителство.