Министерот за правда, Кренар Лога, го потпиша барањето за екстрадиција на првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски кој беше уапсен во Турција.
„Откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја“, стои во соопштението од Министерството за правда.
Министерството за правда, претходно информира дека постапката за екстрадиција е започната и побарале од надлежните турски власти Палевски да биде задржан во притвор сѐ до завршувањето на постапката. Барањето, како што соопштија претходно од министерстовото, се праќа по ДХЛ (претходно по електронски пат преку ИНТЕРПОЛ).
Прочитај повеќе
Обвинителството отвори истрага за две убиства на свиреп начин
Истражната постапка се води против пет лица.
06.12.2023
Во Турција фатен главниот осомничен за убиството на Вања
Добиено е известување од Турција, дека креаторот, главниот координатор и директниот извршител е фатен од тамошните служби.
05.12.2023
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември. За нивното убиство, покрај Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината. Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.
Според обвинителството, Палевски, Манев, Кешишов и Видевски, четворица како соизвршители сториле две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, додека петтиот осомничен, таткото на Вања, им помогнал при извршување на кривичното дело грабнување на малолетно лице.
Во 48-часовен притвор е и лицето С.Д. кое се сомничи дека му помогнал на Палевски да пребегне во Турција.