Лани на денешен ден завршил последниот топлински бран за 2022 година. Според месечните извештаи на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), есенскиот топлински бран траел од 7 до 12 декември. Највисоката температура во декември лани била измерена во Битола, изнесувала 22 степена. Најниската температура била измерена во Берово на 22 декември и изнесувала -7,5 степени.
Според мерењата и набљудувањата на УХМР, ланскиот декември се карактеризира како екстремно топол и просечно врнежлив месец. „Споредено со просечните декемвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), годинашната декемвриска температура беше за 3,4 Целзиусови степени повисока од просечната на ниво на држава. Најниските минимални температури на сите метеоролошки станици беа над 10 степени над апсолутните минимални температури“, се наведува во извештајот на УХМР.
Квалификацијата екстремно топол се користи и при описот за јануари годинава. За февруари пишува дека бил просечно топол, но екстремно сув споредено со многугодишните просечни вредности. И така, зборот екстремно се провлекуваше во текот на целата 2023 година.
Прочитај повеќе
Руски милијардер ќе ја спасува климата со враќање на волнените мамути
Вечниот мраз на Сибир мора да остане замрзнат, без разлика на трошоците
03.12.2023
Загадувачите со метан најдоа виновник - сателитските снимки
Шпанските научници забележале проблеми кај мексиканскиот „Пемекс“
03.12.2023
Ќе возиме ли на масло од пржени компирчиња?
Германците наскоро ќе возат на дизел гориво што во целост е направено од искористено масло за јадење.
05.12.2023
Сите предизвици за Македонија на патот на енергетската транзиција
Целта е намалување на стакленичките гасови за 72 отсто до 2050 година во споредба со 1990 година.
28.11.2023
На Македонија и требаат четири милијарди евра за да ги затвори електраните на јаглен
ЕБОР и Светска банка го поддржаа планот за транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија
17.11.2023
Справувањето со климатските промени ќе биде многу поскапо од планираното
Потребни се 172 милијарди долари повеќе од досегашните проекции
16.11.2023
Во Шпанија уште во април беа измерени над 30 Целзиусови степени, на 3 јули беше измерена највисоката просечна температура во светот. И истиот месец веќе беше соопштено дека 2023 година ќе биде историски најтоплата година, а дека е можно 2024 година да биде уште потопла.
Во 2016, 2022 и 2023 година паѓаа температурните рекорди
Глобалната температура годинава, заклучно со октомври, беше за 1,4 Целзиусов степен над просекот од прединдустрискиот период (1850-1990 година), покажува првичниот извештај на Светската метеоролошка служба. Лани таа беше за 1,15 степен повисока. Со договорот во Париз, пак, зголемувањето на температурата не треба да надмине 1,5 степен во споредба со периодот пред индустријализацијата. Значи, годинава светот сериозно се доближил до крајната граница.
Освен 2023 и 2022 година, во изминатава деценија вакви екстремни температури беа измерени и во 2016 година.
Годинава не останува запаметена само по екстремно високите температури, туку и по поплавите што погодија повеќе области во светот, а не го одминаа ниту регионот (Грција, Словенија, Хрватска). Генералниот секретар на Обединетите нации во Дубаи, каде што се одржува климатскиот самит, рече дека од тоа што се случи годинава светските лидери треба да чувствуваат морници по ’рбетот.
Овие екстремни појави се резултат на „циркулациските фактори што влијаат врз транспортот на воздушните маси, а со тоа и врз стакленичките гасови што се транспортираат во атмосферата“, вели климатологот доктор Пеце Ристевски во изјава за „Блумберг Адрија“.
„Климатските промени и глобалното затоплување претставуваат општ тренд на зголемувањето на елементите на стаклена градина и нивното влијание врз топлинскиот и енергетскиот биланс на определени делови од Земјината атмосфера“, вели Ристевски.
Сепак, според него, драстичните промени на кои бевме сведоци годинава може да се јават и како резултат на „временски промени што може да бидат поврзани со синоптичко-аеролошките услови, односно се поврзани со појавата на циклонските и антициклонските состојби“.
Временските шокови од годинава, според извештајот на ООН, се резултат на дејствувањето и на Ел Нињо, цикличен феномен што се карактеризира со затоплување на источниот дел на Тихи Океан, што обично води до повисоки температури и промени во временските шеми во многу делови од светот.
Што ако светот потфрли во исполнувањето на климатските цели?
Намалувањето на емисиите на стакленички гасови е клучно за просечните температури да не се зголемат над 1,5 степен. Договорот од Париз предвидува амбициозна цел – нула емисии до 2050 година.
Но, енергетската криза лани ги измести плановите, па 2022 година ќе остане забележана како година кога емисиите на стакленички гасови беа на рекордно ниво. Тој тренд не смее да продолжи, затоа што сегашните проблеми ќе се зголемат.
„Тоа би било катастрофа за планетата Земја и за целиот свет и би се случиле проблеми што се познати како ефект на стаклена градина - топење на мразот на половите, големи суши и топлински бранови, летни интензивни дождови со кратко траење и слично“, вели климатологот Ристевски.
И земјава се подготвува за исполнување на климатските цели – намалување на стакленичките гасови за 72 отсто до 2050 година во споредба со 1990 година. За да се случи тоа треба да забрза процесот на декарбонизација преку затворање на рудниците што произведуваат струја на јаглен, зголемување на инсталираната моќност во обновливи извори и зголемување на стапката на подобрувања на енергетската ефикасност.
И покрај заложбата за остварување на ова сценарио, проекциите за емисиите на стакленички гасови што ги нуди државниот завод за статистика не се оптимистички.
Исполнувањето на климатските цели е скапо. Пресметките покажуваат дека на ранливите земји до 2030 година ќе им бидат потребни околу 100 милијарди долари годишно за таа намена. На земјава ќе ѝ требаат над 20 милијарди евра од нив само за праведна енергетска транзиција, што подразбира и затворањето на рудниците во Кичево и во Битола, ќе бидат потребни меѓу три и четири милијарди евра.
Рекордна година во земјава по инвестиции во заштита на животната средина била 2018-та, кога сумата, според државната статистика, надминала 130 милиони евра. Но, потоа бројките тргнаа надолу и во 2020 година беа преполовени.
Мртви, исчезнати, раселени поради климатските промени
Сумите за инвестиции и трошоци изгледаат мали кога ќе се споредат со последиците од климатските промени што се случија во текот на 2023 година.
Бурата Даниел, предизвикана од климатските промени, доведе до екстремни поплави во Грција, Бугарија и во Турција пред да се префрли преку Медитеранот и да стигне до североисточна Либија, каде што е потврдено дека загинале 4.345 луѓе, 8.500 сè уште се водат како исчезнати, а 43.000 биле раселени.
Даниел најпрво се задржа над земјоделскиот центар на Грција во текот на дневните часови во септември, каде што во период од 24 часа паднаа повеќе врнежи отколку во текот на една година. Пцовисале околу 90.000 овци, кози, свињи и крави, а штетата се проценува на милијарди евра.
Тропскиот циклон Фреди стана еден од најдолговечните тропски циклони во светот откако се формира во почетокот на февруари и стигна до Мозамбик на 11 март. Невремето донесе силен дожд и поплави во делови од Малави и Мозамбик, кои сè уште не закрепнале од невремето што го погоди регионот минатата година, што доведе до стотици смртни случаи и повеќе од 659.000 внатрешно раселени лица само во Малави.
Сушите имаа некои од најдалекосежните ефекти во 2023 година. Северозападна Африка, делови од Пиринејскиот Полуостров, Централна и Југозападна Азија, Јужна Америка и делови од САД доживеаја невообичаено ниско ниво на дожд, што доведе до големи загуби на земјоделските култури и ограничувања на водата за населението.
Во Африканскиот Рог, пет последователни сушни сезони ја намалија способноста на почвата да апсорбира вода. Кога паднаа обилни дождови во почетокот на годинава, сточарските заедници и земјоделците претрпеа загуби, а многумина беа принудени да се преселат. Поплавите раселија околу 1,4 милион луѓе до јуни 2023 година, додавајќи ги на 2,7 милиони луѓе раселени во текот на пет последователни сушни сезони.
Тајфунот Доксури ја погоди кинеската провинција Фуџијан на 28 јули. Милион луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови. Невремето потоа се пресели на север, носејќи ги најобилните врнежи што ги доживеал Пекинг во последните 140 години. Само за пет дена во кинеската престолнина наврнале 745 милиметри дожд, додека во Пекинг вообичаено има околу 566 мм врнежи во просек годишно.
Во милијарди евра се брои и штетата што ја предизвикаа поплавите во Словенија во август годинава.