„Ќе има ригорозни мерки за пушењето во идната 2024 година и потпишан протокол со Светска здравствена организација. Нека си се мислат пушачите како понатаму“, изјави министерот за здравство.
„Тутунарите никогаш не сме ги оставиле сами. Интервенираме во зголемување на откупната цена за 2023 година, нова субвенција по пријавена површина од 6.000 денари и зелена нафта за тутунарите во 2024 година“, дополни министерот за земјоделство.
Навидум две сосем јасни изјави, во практика остануваме збунети докрај. Не само поради цигарите, кои се прават од тутун што го субвенционира државата од нашите пари, туку за сè. Пример, аерозагадувањето во Скопје. Државата измери високи вредности и издаде препораки. Град Скопје не ги почитува. Потоа, цената на струјата - се намали за првиот блок, но сметките ќе бидат поголеми.
Кога сме кај струјата, од јули се зголеми ДДВ на сметките на 18 отсто, но тоа не придонесе да се исполнат очекувањата на власта за собирање на планираните приходи од тој данок. Ниту за следната година прогнозите не се многу позитивни. Очекувањата се дека 2024 година ќе биде за нијанса подобра, но клучниот збор е нијанса.
Ништо подобри не се прогнозите ниту за Европската Унија, главната причина е слабата позиција на најголемата европска економија, германската. Сепак, не се исклучува можноста и сегашните неповолни прогнози да се променат, како што беше случај лани. Минатата година сите очекуваа рецесија во САД, но не дојде до тоа, па сега аналитичарите се прашуваат каде згрешија.
Минатата година беше одлична за пазарите на капитал. Растот на главните глобални берзански индекси беше на историски највисоки нивоа. Тоа не се прелеа на македонскиот пазар, каде што прометот падна за 50 отсто. Аналитичарите велат на Македонската берза ѝ треба инјекција за да се раздвижи.
Дали нафтениот бизнис ќе ѝ ја даде потребната инјекција на Македонската берза следната година? „Оилко“ на големо се подготвува за преземање на „Макпетрол“, најголемата нафтена компанија во земјава. Согласност за аквизицијата ќе бара на собранието на акционери во јануари, а ќе бара и кредит од две банки за навреме да ги исплати акционерите.
Банките останаа стабилни во годината на најсилното монетарно затегнување во последните 40 години. Но, како што растат нивните профити, така расте и незадоволството на клиентите. Бројот на поплаки се зголемил, а најмногу од нив се упатени кон големите банки во земјава и се однесуваат на дигиталните услуги.
Граѓаните се жалат и на измами при купување на интернет. Нудиме кратка лекција како да не ви се случи да „купите ветар“. Но неделава ве шетаме и низ Рим, ви ги откривме сите места каде што можете да отидете со најмногу 10 евра.
Ова е последниот неделен преглед годинава. Затоа ќе го завршам со искрени желби, најпрво да завршат двете војни околу Европа што носат неподносливо човечко страдање и силна економска неизвесност. А потоа ќе ви посакам само да сме здрави и живи.