Американските регулатори за првпат одобрија фондови со кои се тргува на берза, а кои инвестираат директно во биткоин, потег што беше најавен како значаен настан за секторот на дигитални средства вреден околу 1,7 трилион долари што ќе го прошири пристапот до најголемата криптовалута на Волстрит и пошироко.
Комисијата за хартии од вредност на САД одобри 11 фонда да започнат со тргување в четврток.
Ова следува откако вчера на налогот на X на Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) беше објавена лажна вест дека е дадено зелено светло за спот биткоин фондови. За тоа веќе е отворена и истрага од американските власти, а се верува дека станува збор за хакерски напад.
Криптосекторот „пука“ од оптимизам
Но реално, што се однесува на биткоинот, се очекува токму одобрувањето на биткоин ЕТФ (англ. exchange-traded fund / фондови со кои се тргува на берза) во САД да му дадат на понатамошен интензитет, а позитивно влијание треба да имаат и преполовувањето (англ. halving) и подобрувањето на општата макроекономска слика на глобално ниво, пред сè намалувањето на каматните стапки на централните банки.
Анализираме каква година се очекува на криптопазарите, какви ќе бидат цените и кои фактори можат да го разнишаат актуелниот оптимизам, особено кога станува збор за биткоинот.
Постпразнично владино задолжување
Преку две аукции на државни хартии од вредност Владата завчера се задолжи за вкупен износ од 3,4 милијарди денари (56,6 милиони евра). На првата аукција се реализира вкупната понуда на 15-годишни државни обврзници на износ од околу милијарда денари (17,4 милиони евра), со каматна стапка од шест проценти. Банките станаа сопственици на 55,95 проценти од издадените обврзници, а во преостанатиот дел од 44,05 проценти инвестираа други клиенти.
На втората аукција беа реализирани едногодишни државни записи на износ од 2,4 милијарди денари (39,2 милиони евра), со каматна стапка од 4,10 проценти. Во сопственичката структура банките учествуваа со 61,46 проценти, а другите клиенти со 38,54 проценти.
Инфлација од 4,7 проценти во 2024 година
Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП за периодот 2023-2025 година спроведена од страна на Народната банка во декември минатата година покажува мала надолна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, а малку пониски се и очекувањата за растот на БДП.
Во однос на инфлацијата, испитаниците и натаму очекуваат нејзино постепено забавување, по високите остварувања во 2022 година, кога таа во просек достигна 14,2 проценти. Во споредба со претходната анкета, очекувањата на испитаниците се малку пониски за 2023 и 2024 година и речиси непроменети за 2025 година.
Македонија со најнизок раст во регионот
Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,5, а во 2025 година од 2,9 отсто, прогнозира Светската банка во јануарскиот извештај за глобалните економски перспективи.
Светската банка во извештајот оценува дека во 2023 година економиите во Западен Балкан беа засегнати од намалената надворешна побарувачка, последиците од војната во Украина, зголемената инфлација и од цените на енергентите и храната. Дополнително влијание, како што се наведува, има и одложувањето на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ.
Еврозоната можеби ја заврши 2023-та со рецесија
Економијата на еврозоната можеби доживеа пад на крајот на минатата година и веројатно ќе продолжи да се бори, според потпретседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Луис де Гвиндос.
„Меките показатели укажуваат на економска контракција и во декември, потврдувајќи ја можноста за техничка рецесија во втората половина на 2023 година“, рече Гвиндос во говор во средата. „Дојдовните податоци покажуваат дека иднината останува неизвесна, а изгледите натежнуваат кон долу“.