„Комерцијална банка“ информира дека во тек се преговори со повеќе заинтересирани инвеститори за купување на имотот и опремата на комбинатот „Еуроникел“, кои сега се во сопственост на банката.
„Притоа, секако дека на секој потенцијален купувач на имотот и опремата на 'Еуроникел' ќе му требаат и работници за извршување на производствениот процес“, велат од банката.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Владата сака да овозможи вработените во јавниот сектор да работат оддома
Можност за работа од далечина на вработените во јавниот сектор предвидува новата регулатива, која по предлог на Владата по скратена постапка е веќе влезена во собраниска процедура. Во членот 25 од предлог-законот за вработените во јавниот сектор се наведува дека „секретарот односно функционерот, по потреба на институцијата или на вработениот, може да ја организира работата, освен во своите деловни простории, и од далечина или комбинирано“.
Како вршење работа од далечина се смета работа што вработениот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од работните простории на работодавецот.
„За вршење на работата од далечина, секретарот односно функционерот задолжително воспоставува соодветна евиденција на работното време и ги обезбедува потребните средства за работа од далечина“, пишува во предлог-законот.
Како влијае геополитиката на приносите на обврзниците
Еден од најдобрите примери за влијанието на геостратегиските и геополитичките одлуки е влезот на Хрватска во еврозоната и во шенген-зоната. Приносот на обврзниците не падна кога Хрватска официјално влезе во тие две групи, туку кога инвеститорите оценија дека тоа всушност ќе се случи.
Откако претставниците на Европскиот парламент го потврдија влезот во еврозоната во средината на 2022 година, распонот падна, што се одрази на пониско ниво на ризик, со оглед на тоа што се сметаше дека тоа ќе го елиминира валутниот ризик, но и дека ЕЦБ ќе да може да купува хрватски обврзници во иднина.
Уште еден клучен пад на распонот се случи кога беше потврден и изгласан влезот во шенген-зоната, што е дополнителна потврда за тоа колку геополитиката може да влијае на приносот.
Случувањата околу Црвено Море ја зголемуваат загриженоста
Приближно 12 отсто од светската трговија минува низ Суецкиот Канал, така што не е изненадувачки што зголемената нестабилност во регионот на Црвено Море ја поттикнува загриженоста за обновување на инфлаторните притисоци.
Влијанието на ваквите настани врз цените на контејнерскиот транспорт е евидентно – референтната стапка Шангај-Ротердам скокна над 370 отсто во последните два месеца и сега е на највисоко ниво од последниот квартал на 2022 година, односно периодот кога синџирите на снабдување полека закрепнуваа по пандемијата.
Од друга страна, бродовите што редовно го заобиколуваат нестабилниот регион на Црвено Море не мора да ги покачуваат транспортните цени, односно цените на транспортот до пристаништата на американскиот источен и западен брег се само минимално чепнати.
Побарувачката за кредити во еврозоната го допре дното
Побарувачката за кредити во еврозоната најверојатно го допре дното по падот подолг од една година, во услови на раст на каматните стапки и тешкотии за економијата, објави Европската централна банка (ЕЦБ).
Според кварталното истражување на ЕЦБ, податоците покажуваат дека апетитот за кредити кај компаниите и кај граѓаните бил помал во последниот квартал од минатата година отколку во претходниот.
„За првпат од почетокот на 2022 година, банките очекуваат мал нето-раст на побарувачката за кредити за бизниси и поединци во првото тримесечје на 2024 година“, соопшти ЕЦБ.
БЈД го презеде приматот од „Фолксваген“ во Кина
БЈД (BYD Co.) официјално го престигна „Фолксваген“ (Volkswagen AG) како најпродавана марка на автомобили во Кина за 2023 година, што е јасен показател дека нејзиниот фокус на електричните возила на најголемиот светски автомобилски пазар се исплати, помагајќи ѝ да надмине некои од најголемите имиња во автомобилскиот свет.
БЈД забележа 2,4 милиони нови регистрации за автомобилско осигурување минатата година, што ѝ дава 11 отсто пазарен удел во Кина, според кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување (CATARC) со седиште во Шенжен. Тоа е зголемување од 3,2 отсто во однос на претходната година.