Цената на киловатот не порасна, ама сметките за струја што стигнуваат деновиве ни ја зовреа крвта и покрај минусните температури надвор. Еден месец по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика цената на струјата да не се зголемува, на виделина излегуваат сите премолчени детали поради кои сметките се баеги зголемени. Надоместокот за пристап до мрежа не требало сега да се наплати, ама била направена грешка и бил внесен во фактурите, а тие веќе биле испечатени… и сега што да се прави, тоа е. Владата ја намалила субвенцијата за седум процентни поени (од 91 на 84 отсто), што секако влијае на растот на цената, ама и тоа не било ставено во веќе згрешените и испечатени фактури. Како што стојат работите, единствената точна ставка на последните фактури е вкупната, за машала, сума за плаќање.
Недоразбирањата со сметките за струја се расчистуваат паралелно со поднесувањето оставка на Владата. До недела Македонија ќе има нова, техничка влада, на чие чело ќе застане Талат Џафери, човекот што беше прв Албанец претседател на Собрание станува прв Албанец премиер во независна Македонија. До изборите во мај, од Владата, во која ќе учествуваат речиси сите, никој ништо и не очекува.
Затоа, пак, владата на Ковачевски пред да замине направи и нешта што никој не ги очекуваше. Како на пример тоа што во закон ја стави можноста вработените во администрација, по желба, да работат оддома. Очекувано, пак, беше да ја продолжи мерката со која цените на основите производи се гарантирани односно замрзнати до 29 февруари. Исполнето е надминато и ветувањето за просечна плата од 500 евра. Неочекувано, државата го зголеми и имотот, стана сопственик и на зградата на Синдикатот со судска одлука.
Сепак, владата што си замина требаше, а не направи доволно работи за да им олесни барем на компаниите да го фатат европскиот курс во следниот период. ММФ предупредува дека земјава ќе биде силно погодена од механизмот за гранично јаглеродно приспособување. Со оглед на тоа дека работат на струја произведена од јаглен, домашните компании ќе имаат зголемени давачки за извоз.
Странските компании во земјава ќе треба да плаќаат данок во нивните матични држави затоа што тука или плаќаат помалку или воопшто не плаќаат. Владата не најде начин како земјава да остане атрактивна за инвеститорите по воведувањето на минималниот данок, ниту, пак, понуди некакво решение со кое тие пари наместо во странски земји, би завршиле во домашниот буџет.
ЕСГ остана надвор од фокусот на Владата, иако времето за вежбање со овие стандарди помина. Можеше да го поттикне и развојот на секундарниот финансиски пазар, па да ги скрати маките со отпишаните кредити, кои секако мора да се наплатат.
Нема конкретни решенија ни како земјава да дојде до дел од парите (шест милијарди евра) од Планот за раст за Западен Балкан. Говорите за тргањето на бариерите и зелените ленти се долги колку што се долги и колоните на границите.
Отворањето на пазарот на трудот е готова работа цела година, ама најверојатно ќе почне да важи за месец и половина. Работници од Албанија и од Србија ќе можат да работат во земјава како домашни работници, ако сакаат. Незадоволните Македонци исто така ќе можат да работат во тие две земји без ограничување.
Пазарот на трудот е чуден и во Европа и баш тој е кочничар за намерите на Европската централна банка да ги намали каматите. Вчера банката одлучи, во согласност со очекувањата, да чека. Продолжувањето на паузата е со цел да се види како новите предизвици, особено случувањата во Црвено Море, ќе влијаат на инфлацијата.
Многу работи ќе влијаат и од изборите во САД, а вестите што стигнуваат оттаму предизвикуваат морници кај многумина во светот. Трамп е сè поблиску до номинација од републиканците, а на повидок е ноемвриски реванш меѓу него и Бајден.
Сепак, до ноември има доста време, засега е важно само јануари да заврши.