Премиерот Димитар Ковачевски во законски предвидениот рок ја депонираше оставката во Собранието, а притоа оствари и средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој ја презема премиерската функција.
Со поднесената оставка на Ковачевски почнуваат процесите за формирање на техничка влада, која треба да создаде услови за одржување на фер и демократски претседателски и парламентарни избори кои се закажани за 24 април односно 8 мај.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
ЕЦБ не ги промени стапките, но намалувањето уште е далеку
Европската централна банка ги задржа каматните стапки непроменети на трет последователен состанок, но го задржа и вокабуларот што сугерира дека намалувањата можеби сè уште се далеку.
Стапката на депозитите е оставена на рекордно високо ниво од 4 отсто, како што предвидуваа сите економисти анкетирани од „Блумберг“. ЕЦБ повтори дека одржувањето на ова ниво на трошоци за задолжување доволно долго ќе даде „значителен придонес“ за зауздување на потрошувачките цени.
Инвеститорите сè уште предвидуваат дека првото намалување на каматните стапки ќе се случи во април, додека официјалните лица, вклучувајќи ја и претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, посочија дека е поверојатен потег во текот на летото.
Владата стисна сопирачка за мултимилионските тендери во ЕСМ
„Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) да ги стопира тековните и предвидените набавки за ископ на јаглен и ангажирање помошна механизација и за секој поголем тендер претходно да бара амин од извршната власт, одлучила Владата на една од последните седници одржани на крајот од минатата година.
„Акционерското друштво за производство на електрична енергија ’Електрани на Северна Македонија’, во државна сопственост, во интерес на рационализација на трошоците, во наредните шест месеци да не ги реализира тековните и предвидените набавки за ископ на јаглен и помошна механизација, како и за секоја набавка над 30.000.000 денари (безмалку 500 илјади евра) да ја информира Владата пред да донесе соодветна одлука“, пишува во заклучокот на Владата од седницата одржана на 28 декември 2023-та.
„Луфтханза“ ќе ги намали летовите до Скопје
Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ (Lufthansa) од мај годинава ќе го намали бројот на летови меѓу Скопје и Франкфурт, како и до други дестинации во регионот, поради проблеми со моторите на дел од флотата авиони „eрбас“, што влијае на нејзиниот распоред на летови на средни дестинации, објави специјализираниот сајт за авијација „Ексјуавиејшн“ (Exyuaviation), а пренесе МИА.
Освен за Скопје, направени се намалувања на одредени услуги и за Белград, Љубљана, Загреб и Сараево.
Авиолинијата меѓу Скопје и Франкфурт, која беше воведена минатата година, од мај ќе биде намалена на осум лета неделно наместо сегашните десет неделни ротации.
Домовите за стари лица луксуз за нашите пензионери
Просечната пензија не може да ги покрие трошоците за едно лице да го помине месецот во приватен дом за згрижување стари лица. Речиси во сите приватни домови најниската цена e 35.000 денари и достигнува до 50.000 денари.
Со последното зголемување на пензиите во септември 2023 година, висината на просечната пензија е 22.257 денари. Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, вкупниот број на пензионери е 334.971, а од нив само 34.240 земаат пензија повисока од 30.000 денари. Најголем број пензионери или 117.295 земаат пензија од 12.529 до 16.058 денари.
Блејзерите што го освоија Катар се комплетно македонска приказна
Етаблираната македонска дизајнерка Ирина Тошева ја доби наградата за најдобра одржлива мода на културниот дел на „Експо 2023“ во Доха, каде што премиерно ја претстави својата колекција „Синхронија“.
Тошева вели дека поканата од организаторите и од македонскиот амбасадор на настанот, Душан Ристовски, пристигнала во вистински момент, а за признанието одлучувало истакнато жири со високи претставници од „Катара културал вилиџ“ (Katara Cultural Village), „Катар мјузеумс“ (Qatar Museums) и од „Експо 2023“ (Expo2023), предводено од д-р Васеем Котуб (Waseem Kotoub), директор на Британскиот совет на Катар (British Council Qatar).
Парчињата што се дел од колекцијата, особено блејзерите со кои ја освои публиката во Катар, се комплетно македонска приказна. Инспирирани се од скопската архитектура.