Пазарот на труд односно растот на платите е клучниот податок од кој ќе зависат идните потези на централните банкари. Пазарите се обложуваат дека до средината на годината монетарните политики ќе почнат да олабавуваат, но растот на платите останува ризик за инфлацијата.
Платите се значајни за банкарите, но работодавците се соочуваат со друг проблем – како да ги мотивираат работниците со оглед на тоа дека и покрај растот на нивните примања тие остануваат незадоволни и немотивирани. Дебатите одат во правец на воведување четиридневна работна недела или поголема флексибилност за работење оддома.
Ова се темите со кои се занимаваше светот викендов. На домашен терен – се избираше нова влада. Талат Џафери е премиер на преодната влада која ќе има мандат до изборите, 100 дена. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ не гласаа за нивните предлози за министри во Владата.
Добро утро, ова се петте вести важни за почетокот на овој ден.
Од кодирање на кардио: Како ИТ секторот ја раздвижи фитнес индустријата
Ширењето на интернетот и ерата на дигитализација што ја донесе овој феномен ја зголеми употребата на компјутери на работните места, па сè повеќе луѓе ја градеа и градат својата кариера „врзани“ зад работните маси.
Тоа ја намали физичката активност на работниците кои со текот на времето почнаа да се соочуваат со здравствени проблеми поврзани со долготрајното седење. Токму во таа точка од времето фитнесот ја доживеа својата преродба.
ББА-анализа: Како стојат „Меркур“ и „Алфи Би“ во регионот?
Активноста во доменот на индустријата за реновирање живеалишта покажува мешана слика во регионот во последните пет години, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„Генерално, Словенија, Србија и Хрватска имаа повеќе позитивни движења, додека Босна и Херцеговина и Македонија беа во пад. Тоа беше главниот двигател на позитивните трендови во потрошувачката на производи за подобрување на домот, поддржани од зголемувањето на приходите на домаќинствата во претходните години“, наведуваат аналитичарите.
Вилерој: Каматите ќе паднат, сите датуми се во игра
Европската централна банка би можела да ги намали каматните стапки во секое време оваа година и сите опции се отворени на претстојните состаноци, изјави членот на Управниот совет Франсоа Вилерој де Галхау.
ЕЦБ е на пат да ја победи инфлацијата бидејќи зголемувањето на стапката на депозити на рекордни четири отсто веќе одигра многу значајна улога во ублажувањето на базичната инфлација, рече францускиот централен банкар.
Какви одлуки за каматните стапки ќе носат централните банки неделава?
Креаторите на политиките на Федералните резерви (ФЕД) можеби конечно се на работ на намалување на каматните стапки.
Влегувајќи во дводневниот состанок оваа недела, кој завршува во среда попладне во Вашингтон, инвеститорите одредуваат приближно еднакви шанси за изгледите дека американската централна банка ќе започне да ги намалува трошоците за задолжување со својата следна одлука во март.
Земјоделците во Франција се подготвуваат за опсада на Париз
Француската влада се обидува да ја спречи блокадата на Париз од страна на земјоделците кои ги задушија патиштата во последните денови протестирајќи против повисоките трошоци за производство и строгите европски регулативи.
Премиерот Габриел Атал вети дополнителни мерки за справување со она што земјоделците го гледаат како нелојална конкуренција и проблеми со трансферот на имотите на фармите за време на посетата на централна Франција во неделата. Неговото патување, второ за три дена, доаѓа откако најголемиот синдикат на земјоделците во земјата повика на „опсада“ на Париз од денеска.