На полноќ истече преодниот период од пет години дефиниран во Преспанскиот договор со кој престануваат да важат патните исправи коишто го содржат старото име на државата. МВР соопшти дека од 13 февруари годинава важат само пасошите и возачките дозволи со новото име, а личните карти ќе важат и понатаму. По повеќемесечна голгота на граѓаните со патните исправи, на политичките структури дури вчера во пет до дванаесет им текна дека поради неефикасноста на државните институции веројатно ќе бидат потребни законски измени и нови решенија за да не дојде до целосна блокада на државата.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Големи разлики во надоместоците што ги наплаќаат македонските банки
Македонскиот банкарски сектор од година во година урива рекорди во профитабилноста. Меѓу главните извори на приходи на банките освен каматите се и надоместоците што ги наплаќаат за различните видови услуги. Народната банка од неодамна почна да објавува податоци за надоместоците што ги наплаќаат банките за најрепрезенативните услуги. Нашата анализа покажа дека има големи разлики во висината на надоместоците што за исти услуги ги наплаќаат банките.
Одржувањето на платежна сметка е една од најосновните услуги за кои плаќаат клиентите на банките во Македонија. Надоместоците се движат од 20 до 99 денари во зависност од банката. Големи разлики има и во висината на годишната членарина што ја наплаќаат банките при издавање на кредитни картички. Некои банки не наплаќаат ваков надомест за првата година од користењето на картичката. Инаку, граѓаните во зависност од банката и картичката годишно треба да платат од 400 до 1.500 денари.
Зошто „УНИ банка“ реши да ги откупи првите перпетуални обврзници?
Одборот на директори на Македонската берза неодамна донесе одлука за исклучување од котација на перпетуалните обврзници - прва емисија издадени од „УНИ банка“ по поднесено барање на издавачот, а врз основа на одлука од собранието на акционери на банката. Со неа, акционерите „УНИ банка“ ја искористиле опцијата за откуп и повлекување на целата емисија на обврзници. Прашавме од кои причини банката се одлучи на ваков чекор.
Од банката објаснуваат дека во согласност со одлуката за издавање капитален инструмент по пат на приватна понуда (прва емисија на перпетуални обврзници во вкупен износ од 5.000.000 евра), банката може по сопствено видување да го искористи правото на предвремен откуп (куповна опција) и по истекот на пет години од датумот на регистрирање на обврзниците во ЦДХВ да ја откупи целата емисија од имателите на обврзниците по номинална вредност од 1.000 евра, со согласност од НБРМ.
Економистите ги критикуваат одлуките на ФЕД
Економистите почнуваат да веруваат дека Федералните резерви предолго ги задржуваат каматите високи. Тоа е заклучокот од анкетата на Националната асоцијација за бизнис економија објавена во понеделникот, која покажа дека 21 отсто од испитаниците сметаат дека моменталната позиција на монетарната политика на централната банка на САД е „премногу рестриктивна“ – најмногу од 2011 година.
Резултатите, објавени пред годишната конференција за економска политика на асоцијацијата оваа недела во Вашингтон, се базирани на анкета спроведена помеѓу 23 и 30 јануари, непосредно пред последниот состанок за политика на ФЕД на 30-31 јануари. Претставниците на ФЕД ја зголемија својата референтна каматна стапка за повеќе од пет процентни поени помеѓу март 2022 година и јули минатата година, во најбрзиот циклус на затегнување од раните 1980-ти.
Германската економија стагнира и на почетокот на 2024 година
Германската економија веројатно нема да постигне раст дури ни во првиот квартал од годинава, покажува истражувањето на економистите спроведено од „Блумберг“. Бруто-домашниот производ на Германија претходната година забележа раст само во еден квартал, а економистите што учествуваа во истражувањето спроведено од 2 до 8 февруари велат дека очекуваат стагнација и во првиот квартал од 2024 година. Минатиот месец очекуваа мал раст (0,1 отсто) за првиот квартал.
Новите проекции се совпаѓаат со прогнозите на „Бундесбанка“, која рече дека економијата во најдобар случај би можела да стагнира, дури и кога приходите на домаќинствата закрепнуваат. Третина од економистите од истражувањето беа уште попесимисти, па предвидоа пад за првиот квартал, што би значело рецесија за Германија.
Биткоинот на чекор до најдолгата победничка серија во една година
Биткоинот е на работ да постигне победничка серија на нивото од пред една година. Движењето на цената е под влијание на неодамна лансираните американски ЕТФ (од англ. берзански фондови), кои директно инвестираат во таа монета. Криптовалутата поскапе за околу еден процент, на 48.436 долари, во 9.50 часот во понеделникот во Сингапур и е подготвена за седма дневна добивка, што ќе ја обележи нејзината најдолга низа од јануари 2023 година, покажаа податоците собрани од „Блумберг“.
Девет нови биткоин-фондови започнаа со тргување во САД на 11 јануари и досега привлекоа повеќе од девет милијарди долари прилив на инвеститори. Средствата на „Блекрок“ и на „Фиделити“ се рангирани како ЕТФ со најдобри резултати врз основа на парите собрани по еден месец на пазарот, напишаа во белешка аналитичарите на „Блумберг“ Ерик Балчунас и Џејмс Сејфарт.