Предизборно, партиите од власта и опозицијата се во трка со цел да се надмине проблемот со личните документи во земјава. Сега владејачката партија најавува закон со кој предвременото издавање на возачки, сообраќајни и налепници ќе биде бесплатно. Опозицијата бара одговорност од челниците во МВР кои со години набавувале обрасци за документи со старото име на државата и на тој начин ги лажеле граѓаните.
Додека во земјава најголем дел од граѓаните и натаму се без документи за себе или за своето возило, во светот со вградување чипови се решаваат здравствените проблеми на луѓето.
Добро утро, ова се најважните пет вести за почетокот на денот.
Маск гледа иднина во чиповите за луѓе, го делат ли тој став и нашите експерти
Визијата на Илон Маск – чип кој се вградува во мозокот, може да се сумира со неговите зборови: „Резервен погон за вашето нефизичко битие, односно за вашата дигитална душа“. Имено, тој има за цел преку мозочните импланти на неговиот стартап „Неуралинк“ луѓето во иднина да ги контролираат компјутерите со својот ум.
Иако овој концепт изгледа како сценарио за научно-фантастичната серија „Блек мирор“ (Black Mirror), сепак, реалност е дека „Неуралинк“ се стреми да развие технологија за мозочно-компјутерски интерфејс (BCI / Brain-computer interface), односно за безжично поврзување на човечкиот мозок со компјутери и други уреди.
Како изгледа фотороботот на просечниот инвеститор во регионот
Сигурно барем еднаш сте виделе на филм како закоравен детектив испрашува сведок што бил единствениот што го видел криминалецот. Порано или подоцна тој детектив ќе извика: „Повикајте ми цртач, ќе ни треба фоторобот“, а потоа очевидецот ќе почне да дава детали за висината, бојата на кожата и другите карактеристики.
Се запрашавме што ќе се случи ако тоа го префрлиме на финансиско ниво. Како би изгледал „фотороботот“ на тој просечен инвеститор во регионот?
Светот тивко ја губи земјата од која треба да се храни
Најголемите закани за нашето постоење денес се предизвикани од човековата активност, а не од природата што дејствува сама, според неодамнешниот извештај на Обединетите нации.
Многу луѓе се запознаени со човечкиот придонес во климатските промени, а можеби и со губењето на биолошката разновидност. Но постои трето влијание врз животната средина што ретко го добива вниманието што го заслужува: опустинувањето, познато и како деградација на земјиштето.
Мицотакис предлага олеснувања за земјоделците за да спречи протести во Атина
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис им понуди на земјоделците пониски цени за електрична енергија во следните 10 години, во обид да ги реши нивните проблеми и да избегне масовни протести во Атина.
Протести има низ целата земја, блокирани се автопатиштата и неколку градови. Претставниците на фармерите се заканија дека ќе ги однесат своите трактори на улиците на главниот град, бидејќи земјоделството станува клучно бојно поле во Европа и пошироко.
Извозот и каматите клучни за раст на индустриското производство
Економските текови во Европа, особено во Германија како наш најголем трговски партнер, ќе бидат клучни за движењето на македонското индустриско производство, кое стагнира од почетокот на пандемијата.
Директорката на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, во интервју за „Блумберг Адрија“ вели дека во поглед на нарачките од странските партнери од почетокот на годината има позитивни сигнали во споредба со лани, но на пазарот и натаму има неизвесност.