Индексот на трошоците на животот во јануари 2024 година, според податоците на Државниот завод за статистика, покажува намалување од 0,3 проценти во споредба со декември 2023 година. Ова намалување на инфлацијата е резултат на намалувањето на цените на транспортот, облеката и обувките, домувањето, водата, електриката, гасот и другите горива.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Единствениот регистар на сметки води кон присилна наплата со еден клик
Се поместува рокот за воспоставување поефикасен платен систем во земјава. Наместо летово, сега се очекува новините да бидат воведени до крајот на годинава, под услов Собранието да ги усвои измените во законот со кои ќе биде поставен новиот рок.
Законот предвидува Централниот регистар да воспостави Единствен регистар на сметки (ЕРС). Тој би бил централизиран електронски систем во кој ќе се преселат сите податоци за денарските и девизните платежни, депозитни или други сметки со кои во моментов располага КИБС. Единствениот регистар ќе ги обедини сите податоци затоа што, според Законот за платежни услуги и платни системи, сите институции се обврзани да доставуваат информации до него.
Македонија во рикверц во користењето енергија од обновливи извори во транспортот
Новите податоци на „Евростат“ откриваат дека од година на година се намалува учеството на енергија од обновливи извори во транспортот во нашата земја. Ако во 2018 година учеството на енергијата од обновливи извори во транспортот изнесувало 0,118 проценти од вкупната енергија, во 2022 година тоа се намалило на 0,053 проценти. Ваквите трендови се спротивни на владините одлуки и целите поставени во националните акциски планови за зголемување на учеството на енергијата од обновливи извори во транспортот.
Според податоците на „Евростат“, во 2022 година уделот на обновливите извори на енергија во транспортот достигна 9,6 проценти на ниво на ЕУ, што претставува зголемување од 0,5 процентни поени во споредба со 2021 година (9,1 проценти), но сепак е 0,7 п.п. под највисокото ниво досега постигнато во 2020 година (10,3 проценти).
БДП на еврозоната и на ЕУ порасна за 0,5 отсто во 2023 година
Во четвртиот квартал од 2023 година, економијата на еврозоната стагнираше, додека економијата на Европската Унија (ЕУ) порасна за незначителни 0,1 отсто во споредба со претходниот квартал, според прелиминарните процени. Во споредба со истиот квартал од претходната година, сезонски приспособениот БДП порасна за 0,1 отсто во еврозоната и за 0,3 отсто во ЕУ во четвртиот квартал од 2023 година, по стагнацијата во двете области во претходниот квартал.
Бројот на вработени лица е зголемен за 0,3 отсто и во еврозоната и во Европската Унија во четвртиот квартал од 2023 година во однос на претходниот квартал, додека во третиот квартал од 2023 година вработеноста е зголемена за 0,2 отсто.
Податоците за инфлацијата ги потопија американските берзи
Инфлацијата во САД ги изненади аналитичарите, а пазарите сега очекуваат каматните стапки на Фeд да почнат да паѓаат дури од јуни. Шансите за намалување во март се речиси нула, ако ги погледнеме движењата на пазарот на своп договори, а шансите Федералните резерви на САД да реагираат во мај се еден спрема три. „Намалувањето на каматните стапки во јуни е целосно пресметано“, пишува Је Шије, известувач за пазарите на „Блумберг“ од Њујорк.
Базичната инфлација беше 3,9 отсто, додека очекувањата на аналитичарите беа 3,7 отсто, па приносите на обврзниците скокнаа по објавувањето на резултатите, а доларот зајакна. Освен базичната инфлација, вкупната инфлација беше повисока од очекуваното, иако во јануари опадна во однос на декември. Исто така, месечната инфлација беше повисока од средната вредност во истражувањето на „Блумберг“.
Инфлацијата во Британија послаба од очекуваното, издишка за БоЕ
Цените во Велика Британија пораснаа помалку од предвиденото во јануари, при што трендовите на намалување на цената на храната и производите за домаќинство ги зајакнаа очекувањата дека инфлацијата наскоро би можела да се врати на целта на Банката на Англија (БоЕ).
Потрошувачките цени се зголемија за четири отсто во споредба со претходната година, исто темпо како и во декември, објави во средата Канцеларијата за национална статистика. БоЕ и економистите од приватниот сектор очекуваа инфлацијата да се зголеми на 4,1 отсто. Што е уште поважно за креаторите на политиките на централната банка, инфлацијата на услугите, која е подиректно поврзана со домашните притисоци, во јануари беше пониска од очекуваното и изнесуваше 6,5 отсто. БоЕ предвиде зголемување од 6,6 отсто.