Доналд Трамп победи на републиканските претседателски прелиминарни избори во Јужна Каролина, нанесувајќи ѝ удар на ривалката Ники Хејли на нејзин терен, во нејзината матична држава.
Победата на Трамп го зацементира неговиот пат кон републиканската номинација. Тој е сè поблиску до изборен реванш со претседателот Џо Бајден.
Добро утро, ова се петте вести важни за почеток на денот.
ББА-анализа: Растечките плати поттик за продажбата на електрични апарати
Индустриите за електрична опрема во регионот се доминантно извозно ориентирани, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа на овој сектор, објавена на „Блумберг Адрија инсајт“. Тие посочуваат дека соодносот на покриеност (извоз во однос на увоз) во 2023 година е над 200 проценти во Србија, Словенија и во Македонија. Во Хрватска коефициентот на покриеност е значително помал – околу 35 проценти, што сугерира дека Хрватска е на долниот крај во однос на релативно малата големина на оваа индустрија.
Кога станува збор за производствените трошоци, аналитичарите укажуваат дека цените на извозните производители во Кина во релевантните сегменти се покачени од средината на 2021 година до првата половина од 2023 година, кога се забележува пад.
Македонските инвеститори допрва ќе се вртат кон ЕТФ
Одлуката на американските регулатори да дозволат формирање на биткоин ЕТФ (од англиски exchange-traded funds – фондови што се тргуваат на берза) дополнително ја зголеми популарноста на овој вид индексирани фондови, кои во изминатиов период привлекуваат сè повеќе инвеститори на глобално ниво. Условно кажано, цехот го плаќаат таканаречените заедничките фондови (mutual funds), од кои од година на година сè поголем капитал се одлева кон ЕТФ.
За ваквите трендови побаравме мислење од Снежана Поповска, финансиска техничка аналитичарка, и од Васко Богдановски, инвестициски портфолио-менаџер, кој е соосновач и извршен партнер во „Опфолио“ (Opfolio).
ЕЦБ купува време – неизвесно е кога ќе паднат каматите
Претставниците на Европската централна банка се гласни дека се потребни повеќе докази дека инфлацијата се враќа на целта од два отсто пред да почнат да ги намалуваат каматните стапки.
Неколку креатори на политиките забележуваат дека монетарното олеснување не може да започне додека не пристигнат повеќе податоци во наредните месеци – особено за платите, чиј раст останува висок дури и по малото забавување во четвртиот квартал.
ЕУ не може да постигне договор за заеднички надзор на пазарите
Министрите за финансии на Европската унија се судираат околу можноста за обединување на надзорот на националните пазари на капитал додека блокот се обидува да ги приближи различните системи за да ги поттикне приватните инвестиции.
Претседателот на Еврогрупата Пашал Донохое рече дека земјите-членки не се согласуваат со амбицијата за изградба на заеднички надзорен режим како дел од планот за напредок кон заеднички пазари на капитал што ЕУ сака да го реши до следниот месец.
Светот се соочува со недостиг на бродови за транспорт на нафта
Долгогодишните предупредувања на индустријата за нафтени танкери дека се градат премалку бродови се враќаат на пазарот откако нападите на Хутите врз комерцијалните бродови предизвикаа широко распространето нарушување во глобалната трговија со нафта.
Предвидено е само два нови супертанкери да се приклучат на флотата во 2024 година – најмалите во речиси четири децении и околу 90 отсто под годишниот просек за овој милениум. Но, откако сопствениците сè повеќе почнаа да го избегнуваат јужниот дел на Црвеното Море, недостигот на нов капацитет почнува да загризува: цените се зголемија и времето на патување се зголемува.