Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка денеска носи одлука за каматните стапки. Претходната недела Европската централна банка четврти пат одлучи да ги задржи каматните стапки непроменети, додека послабите изгледи за инфлацијата и економскиот раст ги потхрануваат очекувањата за намалувања што треба да започнат во јуни.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Има ли услови за пад на каматите со растот на платите: НБРМ носи одлука
Последниот податок за инфлацијата, кој е објавен минатата недела, е дека таа изнесувала три отсто во февруари споредено со ланскиот февруари, што значи дека стапката забавува или можеби поточно стагнира, со оглед на тоа што јануарската беше 3,2 проценти. Сепак, ризици по инфлацијата има.
Од почетокот на месецов мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи престана да важи. Податоците што ќе бидат објавени во април ќе дадат почиста слика во однос на влијанието на оваа мерка врз инфлацијата. Оттука, очекувањата се дека НБРМ денеска најверојатно нема да брза со одлуката за намалување на каматата. Трендот на раст на референтната камата почна во април 2022 година. Каматата тогаш изнесуваше 1,25 отсто, последната корекција беше во септември лани, кога каматата беше зголемена на 6,30 отсто. Оттогаш референтната камата и во земјава е на пауза.
ББА-анализа: Нè очекуваат кисели цени на чоколадото и на сокот од портокал
Цените на суровините како што се житото, нафтата и гасот се вратија на нивото од пред пандемијата, но има суровини чии цени продолжуваат да растат, како што се шеќерот, какаото, кафето и сокот од портокал, посочуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“. Тие објаснуваат дека неповолните временски услови и болестите се клучната причина за ваквиот раст на цените, а во последно време предничи какаото, со поскапување од 170 проценти од почетокот на 2023 година.
Тие додаваат дека иако САД се одговорни само за седум проценти од глобалното производство на сок од портокал, производството во Флорида е силен показател за светските цени бидејќи овој вид на стоки најчесто се тргува на американскиот пазар, што е разбирливо бидејќи Американците се најголеми потрошувачи на овој сок.
Хрватска и Словенија ветени земји за македонските работници
Македонските работници се позиционираат високо на листите по бројот на работни дозволи за странци на хрватскиот и словенечкиот пазар на трудот. Овие две земји од година на година стануваат сè поатрактивни за работа во странство. Претходната година Хрватска издала 13.400 работни дозволи за граѓани од Македонија. На листата за работни дозволи доминираат работниците од Босна и Херцеговина со 28.000 работни дозволи, па од Србија со 24.000, а потоа следуваат две малку поегзотични земји, Непал и Индија. На петтото место се Македонците.
Минатата година се издадени 17.252 работни дозволи за странци што сакаат да работат кај словенечки работодавци, а кои не доаѓаат од ЕУ, или за петтина помалку од претходната година. Од 17.000 работни дозволи, 13.400 добиле граѓани на БиХ, кои се убедливо на првото место. Србија е следна по бројот на издадени работни дозволи, со 3.829 дозволи издадени на нејзини граѓани минатата година.
Долгот на САД е преценет, велат од „Барклис“
Инвеститорите треба да размислат за продажба на 10-годишни американски државни обврзници, бидејќи силата на економијата го прави неодамнешниот пораст на американските обврзници пренадуен и неоправдан, велат аналитичарите на „Барклис“.
Приносите на реперот за глобалниот долг паднаа за речиси 30 базични поени од годинашното високо ниво од 4,35 отсто, а инвеститорите се уверени дека Федералните резерви (Фед) ќе ги намалат каматните стапки порано отколку што се мислеше. Падот на приносите е „чуден“, со оглед на тоа што американските економски податоци се покажаа подобри од очекувањата во последните недели, напишаа во белешка стратезите, меѓу кои и Аншул Прадан и Амрут Нашикар.
Биткоинот за првпат надмина вредност од 71.000 долари
Биткоинот за првпат надмина 71.000 долари, напредувајќи шести ден по ред, носејќи го годинашниот раст на речиси 70 отсто поради огромните приливи во фондовите со кои се тргува на берза (ЕТФ) во САД. Инвеститорите вложија нето-сума од речиси 10 милијарди долари во серија нови биткоин ЕТФ-ови откако беа лансирани во САД пред два месеца, предизвикувајќи широк раст на криптопазарите.
Дигиталните средства постигнаа уште една победа во понеделникот, бидејќи Лондонската берза потврди дека ќе прифати апликации за прием на белешки за тргување со биткоин и со етер.