Биткоинот го продолжи повлекувањето од својот најнов рекорд, среде интензивираната дебата за тоа дали биковската трка на криптовалутите е доказ за шпекулативен меур на глобалните пазари. Најголемото дигитално средство падна за дури 7,2 проценти во петокот и се продаваше за 67.725 долари. Ден претходно токенот постави свеж рекорд на сите времиња од речиси 73.798 долари.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
ББА-анализа: Не треба да се очекува значителен пад на цените на кафето
Цените на кафето, витална суровина за преработувачите на кафе, се зголемија во 2021 година, при што арабика забележа просечен пораст на цената од 51,7 проценти годишно, а робуста од 27,2 проценти годишно, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„Овој нагорен тренд продолжи и во 2022 година, при што цените на арабика се зголемија во просек за 27,2 проценти на годишно ниво и на робуста за 19,1 проценти на годишно ниво. Неколку фактори придонесоа за тој пораст на цените на кафето: проблемите поврзани со временските услови, пандемијата на ковид-19 и економски фактори“, велат аналитичарите.
Во бумот со акциите, македонски експерти вложија 50.000 евра за нас. Во што?
Со оглед на тоа што инфлацијата спласнува, станува извесно дека централните банки во светот, вклучувајќи ја и Народната банка, во наредниот период ќе почнат со намалување на референтните каматни стапки, што секако ќе поттикне и намалување на каматите на депозитите кај комерцијалните банки. Истовремено, најпознатите берзански индекси во светот уриваат рекорди во растот, кој главно е поттикнат од одличните резултати на технолошките гиганти.
Ваквите трендови го отвораат прашањето дали сега е право време заштедите од банките да се инвестираат на пазарите на капитал за да се остварат поголеми приноси. За оваа тема побаравме мислење од Марио Ѓорѓиев, претседател на Управниот одбор на „ВФП пензиско друштво“, и од Сашо Дракуловски, главен извршен директор на „Вега фондови“.
Зетот на Доналд Трамп сака да инвестира милијарда долари во недвижнини на Балканот
„Афинити Партнерс“ (Affinity Partners), компанија во сопственост на Џаред Кушнер е во напредни дискусии за три инвестиции во изградба на недвижен имот на Балканот кои би можеле да надминат милијарда долари. Фирмата со приватен капитал, која има седиште во Мајами планира да го трансформира албанскиот остров Сазан во Медитеранот, кој претходно беше дом на воена база, во луксузно еко-одморалиште под брендот „Аман“, рече Кушнер во интервју за „Блумберг Њјуз“ (Bloomberg News).
„Афинити“, исто така сака да инвестира во албанскиот полуостров Зврнец, крајбрежен регион со повеќе од три милји плажи со длабок бел песок. Фирмата планира да изгради неколку одморалишта во областа, кои со текот на времето би стигнале до речиси 10.000 вили и хотелски соби.„Островот Сазан е едно од најчистите и најуникатни крајбрежја што сум ги видел во светот“, рече Кушнер.
Обвинителите бараат 50 години затвор за криптоизмамникот Сем Бенкмен-Фрид
Од американското обвинителство сметаат дека Сем Бенкмен-Фрид треба да добие дури 50 години зад решетки за неговата улога во колапсот на неговата берза за криптовалути ФТХ (FTX) во „она што е веројатно најголемата измама во последната деценија“. Казна која се движи од 40 до 50 години е неопходна за „историското“ злосторство на Банкмен-Фрид, кое вклучува повеќе од милион жртви и загуби од повеќе од 10 милијарди долари, соопштија обвинителите во петокот во судскиот поднесок.
Барањето е многу помалку од 100-те години препорачани во американските упатства за висината на казните за криминал, но многу повеќе од шест и пол години што ги предложија неговите адвокати. „Во секој дел од неговата работа и во однос на секое сторено кривично дело, обвинетиот демонстрираше дрско непочитување на владеењето на правото“, велат обвинителите во поднесокот. „Тој ги разбираше правилата, но одлучи дека тие не важат за него“.
Стануваат „сертифицирани крипто-експерти“ за 11 часа и 229 долари
За да ги положите испитите за овластен финансиски аналитичар и да ги ставите буквите ЦФА (CFA) во вашата биографија, се препорачуваат најмалку 900 часа студирање. Истовремено, учење од 300 до 400 часа се советува за да се полага испитот за овластен јавен сметководител, кој обично го полагаат кандидатите кои имаат завршено додипломски студии по предметот.
Меѓутоа, за да станете „сертифициран експерт за криптовалути“ или ЦЦЕ (CCE) се‘ што ви треба се 229 долари и време за 11 часа онлајн курсеви понудени од таканаречениот Совет за блокчејн. Ако тоа време ви е премногу може да добиете „сертификат за криптовалути и блокчејн“ на друго место со посета на онлајн курс кој трае само четири часа и положување на тест од 20 прашања за надомест од 795 долари.