Каматата на само една обврзница што државата ја емитувала во септември 2022 година се зголемила за два процентни поена досега. Во вакви услови, годинава на државата ќе ѝ требаат уште пари. Ќе позајми над 630 милиони евра. Заемите ќе се трошат за раздолжување, но пред сè за покривање на буџетскиот дефицит.
А тој, според проекциите на власта, во наредниот период ќе се намалува. Сепак, експертите се плашат. Тие велат дека најлошо е кога државата се задолжува за да зголемува плати и пензии, а пред избори – тоа е главното ветување. Ниту една политичка партија неделава не одговори што планира да направи на економски план, а стопанствениците чекаат со список со барања, кој не се менува повеќе од 30 години. И не сакаат изненадувања.
Битката со инфлацијата се ближи кон крајот, но уште е рано за прогласување победа. Американски Фед уште еднаш ги остави каматните стапки непроменети, а непроменета е и најавата дека годинава ќе има олеснување. По одлуката на Фед, цената на златото стигна до историски највисоко ниво. Во вакви услови прашавме во НБРМ дали е време за зголемување на резервите, а оттаму ни одговорија дека со растот на пазарната вредност на металот, растат и нашите резерви, а вложувањето во хартии од вредност на долг рок носи подобри резултати.
Резултатите за инфлацијата за месецов, пак, може да се влошат. Според пресметката на Синдикатот, основната кошничка поскапела за 1.500 денари за еден месец. Најмногу поскапеле храната и пијалаците. А движењата на берзанските цени сигнализираат дека кафето и, особено, какаото подолго време ќе бидат луксуз.
Несреќни се и студентите и професорите од ФИНКИ, кои вчера излегоа на протест пред Владата. Факултетот што ги образова најплатените работници во земјава, ИТ-експертите, нема зграда. А државните институции, кои имаат големи и убави згради, немаат ИТ-експерти, немаат ни закони и затоа се лесна цел на хакерски напади. Државата мирува и по прашањето на објектот на ФИНКИ и по прашањето на преземањето мерки против хакерските напади.
Неделава беше објавено и медицинско истражување што покажува дека кај луѓето што се обидуваат да ослабат со таканареченото наизменично постење постои ризик за срцето. Па, нормално дека постои, кај секој што не јаде, а гледа како другите јадат – срцето страда од мака.
Нема истражување што ќе покаже кои нации најмногу применуваат наизменично постење, но има анкета што покажа дека Македонците се најнесреќни во целиот регион Адрија. Против ваквите чувства се бори и Илон Маск. Еден од најбогатите луѓе на светот има рецепт за лекување на лошото расположение.