Македонија сè уште не е приспособена на минималниот данок, а првите плаќања за оваа година по овој основ ќе треба да се извршат во 2026 година. Советот на странски инвеститори при Стопанската комора ги анализираше ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонците тешко поминуваат на градска, лесно им одат само тестовите
Желбата да се стане возач на автомобил е голема ама процесот на добивање на возачка дозвола се претвора во вистински предизвик за новите возачи. За стекнување со возачка дозвола од Б-категорија треба добро да се подготвите, почнувајќи од финансиите, процесот на обука и крајната фаза полагањето на теоретскиот и практичниот дел од возачкиот испит.
Анализираме какви возачи се Македонците во споредба со Германците, и зошто полагањето на практичниот и теоретскиот дел ги предомислува младите да возат автомобил. Минатата година според германското Здружение за техничка инспекција (ТУВ) имало рекорден број на издадени возачки дозволи во Германија. Околу 1,97 милиони кандидати го завршиле теоретскиот дел што е за 150,000 повеќе споредено во 2022 година, а практичните испити ги завршиле 1,77 милиони кандидати.
Приказна за „Ламборгини“: Блазе си им на оние што не разбираат
Поминаа шеесет години откако успешниот и страстен италијански индустријалец Феручо Ламборгини реши да создаде совршен автомобил, откако им најде мани на сите свои автомобили, вклучувајќи и „мерцедеси“, „масератија“, „јагуари“ и „ферарија“. Она што го прави автомобилот да биде совршен е прашање на вкус, но тоа не го спречи Феручо да започне една од најпознатите автомобилски приказни.
Во летото 1963 година тој ја остави својата прва трага во автомобилскиот свет со моделот „350 ГT“, кој веднаш се рангира покрај „Ферари“. По тоа, тој произведе уште десетина автомобили што и денес ја разгоруваат фантазијата. Следуваше легендарната „миура“, која познавачите и денес ја сметаат за еден од најубавите автомобили. Во 1970-тите, автомобилскиот свет беше шокиран од „каунтач“ со крилни врати.
Кои се најдобри летни пневматици за автомобили: Тест на германски АДАК
Почетокот на пролетта е период кога возачите ги менуваат зимските пневматици на автомобилите со летни. За таа цел германскиот автомобилски клуб АДАК (ADAC) тестираше 16 модели на летни пневматици со големина 215/55 R17, кои се погодни за мали теренци и автомобили од пониската средна класа.
Тестот покажа дека вкупниот биланс е позитивен, но има и пневматици со мали слабости. Имено, од 16-те тестирани модели, три се покажаа добри, дванаесет беа задоволителни, а само еден доби оцена адекватен. Како што велат од АДАК, за среќа овој пат нема пневматици со лоши перформанси. Трите гуми оценети како добри доаѓаат од брендовите „Континентал“ (Continental), „Мишелин“ (Michelin) и корејскиот производител на гуми „Кумхо“ (Kumho), што е своевидно изненадување.
НБГ доби дозвола да дели дивиденда, „Стопанска банка“ нема
Европската централна банка (ЕЦБ) ќе им дозволи на грчките банки да им даваат дивиденда на своите акционери, а ова се случува по повеќе од една деценија, во која земјата претрпи болно посткризно реструктуирање. Исплатите кон акционерите годинава сепак ќе бидат помали од она што го бараа банките, тврдат познавачите на ова прашање, кои побараа да не бидат идентификувани бидејќи одлуката не е конечна. ЕЦБ одби да коментира.
Последен пат кога голема грчка банка исплати дивиденда беше во 2008 година, пред светската финансиска криза и непосредно пред почетокот на должничката криза во земјата во 2010 година. Оттогаш банките се докапитализираа во рамките на програмата за спасување на Грција. Се очекува ЕЦБ да ги дозволи исплатите откако грчките банки ги намалија нефункционалните заеми и ја зголемија својата финансиска сила додека економијата постепено се враќа во нормала.
Дојде крајот на ерата „живеј за да работиш“, луѓето го ценат своето време
Од сите претпоставки на луѓето во однос на работата и работното место по пандемијата ковид-19, се издвојува една: дека нештата ќе се „вратат“ како што беа порано. Индустриите навистина се насочија кон тоа - но не и работниците. Тие ставија точка на практиката секогаш вклучени и секогаш внатре (англ. аlways on and always in).Нешто од ова може да му се припише на она што мојот колега Мет Бојл го опишува како „хаотична природа“ на враќањето во канцеларија, а дел се сведува на обемот и темпото на промени.
Како што забележаа авторите на трудот на Светскиот економски форум објавен во мај 2023 година: „Иако работата секогаш еволуирала, нејзината неодамнешна трансформација се случи со невидена брзина и влијаеше на работната сила до невиден степен“.Луѓето од големата и малата работна сила, со сина и бела јака, не се расположени за статус кво. Тоа е она расположение што во најдобар случај може да се опише како преодно, а во најлош како донекаде бунтовничко. Според „Галуп“, глобално има пад на ангажманот.